четврток, 25 јуни 2026

Мечките се враќаат поблиску до луѓето, нема национален акциски план за мечка

Угината мечка неодамна со прострелна рана беше пронајдена во Националниот парк Маврово, додека претходно на социјалните мрежи беше објавено и видео од кафеава мечка забележана на паркинг простор во Ростуше. Овие случаи повторно ја отворија дебатата за бројноста на популацијата на мечките во Македонија, нивното сè почесто приближување до населените места и потребата од системско управување со овој заштитен вид.

Објавено на

часот

Сподели

Според стручните лица, кафеавата мечка е најголемиот копнен месојадец во Европа и во Македонија има стабилна популација која претежно ги населува планинските подрачја во западниот дел од државата. Иако во јавноста често се создава впечаток дека средбите со мечки стануваат сè почести, експертите посочуваат дека реалниот ризик од напад врз луѓе е мал, бидејќи животните вообичаено избегнуваат контакт со човекот.

Сепак, зголемената бројност на одредени локалитети, како и несоодветното управување со отпадот, придонесуваат мечките почесто да се појавуваат во близина на населени места. Дополнителен проблем претставува и недостигот од прецизни податоци за бројноста на популацијата, бидејќи во државата сè уште нема воспоставен континуиран систем за мониторинг.

Професорот Кристијан Цокоски, раководител на Катедрата за ловство на Факултетот за шумски науки на УКИМ, вели дека во Македонија не постојат доволно систематизирани и континуирани податоци кои би овозможиле прецизна проценка на бројноста на популацијата на кафеавата мечка. Причина за тоа е недостаток на развиен систем за мониторинг и редовно следење на бројната состојба, особено кај видовите од висок конзервациски и еколошки интерес, каков што е овој вид. Поради тоа, во моментот е тешко да се даде сигурна и научно потврдена проценка за бројната состојба на мечка на национално ниво.

Согласно Законот за дивечот и ловството мечката ужива трајна заштита. Како врвен предатор во екосистемите што ги населува, таа речиси и да нема природни непријатели, а поради нејзината разновидна исхрана и релативно висока адаптибилност, во одредени подрачја може да дојде до зголемување на бројноста на популацијата над нормалата. Во такви случаи, мечките можат почесто да се појавуваат во близина на населени места и земјоделски површини, со што стануваат повоочливи за локалното население, а како пример може да послужи состојбата со мечката во Националниот парк Маврово каде оптималната густина на популацијата на единица површина (3,4 грла на 1.000 хектари) е за повеќе од четири пати поголема од важечките нормативи во останатиот дел од Европа (0,8-0,9/1000 хектари). Исто така, иако релативно ретко, предизвикаат штети врз домашниот добиток, пчеларниците, земјоделските култури и друга сопственост, што претставува една од најчестите причини за појава на конфликт помеѓу човекот и овој вид дивеч. Кај дел од населението често постои неоправдан страв од мечката, при што поединечни средби со овој вид неретко се преувеличуваат и добиваат поголемо медиумско и јавно внимание отколку што тоа го оправдува реалниот ризик. Како и кај повеќето видови дивеч, природната реакција на мечката при присуство на човек е избегнување на контакт и повлекување од местото на средбата. По својата природа не го смета човекот за плен и нападите врз луѓе се исклучително ретки. Најчесто до несакани ситуации доаѓа кога животното е изненадено од непосредна близина, кога се чувствува загрозено или кога станува збор за мечка со младенчиња. Како исклучително грижлив родител, женката покажува силен заштитнички инстинкт кон своите младенчиња и токму во такви околности може да реагира одбранбено доколку процени дека постои опасност за нив“, вели професорот Цокоски.

Maло мече снимено во парк во Битола.

Исто така, додава тој, таа претставува сериозна опасност во ситуации кога е ранета, а тоа е најчесто како последица на незаконит лов. За да се избегнат ваквите околности, неопходно е воспоставување на соодветен и научно заснован систем на управување со сите видови дивеч, вклучително и мечката, независно од степенот на заштита што го ужива во Македонија, вели професорот.

Таквиот пристап подразбира континуиран мониторинг на популацијата и приближно утврдување на нејзината бројна состојба, полова и возрасна сртуктурата, следење на состојбата на стаништата, како и спроведување на соодветни конзервациски и управувачки мерки во согласност со националната и меѓународната законска регулатива, со цел контрола, преветнтивно управување (регулирање) и одржување на популацијата во рамките на природниот капацитет на нејзините живеалишта. Во таа насока, посебно значење имаат и мерките за превенција на потенцијалните конфликти помеѓу човекот и мечката, меѓу кои и воспоставување на контролирано поставени хранилишта во одредени подрачја, со цел насочување на движењето на единките и намалување на нивната појава во близина на населени места. Сите овие мерки имаат за цел долгорочно зачувување на видот и одржување на негови стабилни и одржливи популации, проследени со намалување на притисокот врз локалното население и неговите активности“, дополнува пофесорот.

Од Македонското еколошко друштво велат дека за намалување на конфликтите помеѓу човекот и мечката потребни се повеќе превентивни мерки. Меѓу нив се поставување електрични огради за заштита на пчеларници и добиток, користење звучни уреди за одбивање на мечките, специјални контејнери за отпад и подобро управување со отпадот во и околу населените места.

Од особено значење е постоење и функционирање на интервентен тим кој ќе реагира во сите случаи кога има конфликтни состојби. Сите овие мерки се предвидени и во Националниот акциски план за мечка, кој за жал сè уште не е усвоен“, велат од МЕД за МКД.мк.

Мечка на Јабланица.

Во однос на хранилиштата за мечки, од друштвото посочуваат дека меѓу научната јавност постојат различни мислења. Дел од експертите сметаат дека тие можат привремено да го намалат присуството на мечките во близина на населените места, додека други предупредуваат дека дополнителното прихранување може да доведе до промени во нивното природно однесување и навикнување на присуство на луѓе.

Според проценките со кои располагаат експертите, во Македонија има меѓу 330 и 380 кафеави мечки, но бројките не се потврдени со современи научни методи, како што се генетските истражувања кои се применуваат во некои европски држави.

Од МЕД нагласуваат дека опасноста од напад постои, но е минимална доколку граѓаните се придржуваат до основните правила при движење во природа. Препораките се пешачење по обележани патеки, создавање звук при движење за животното навреме да го забележи присуството на човек, како и избегнување оставање отпад или приближување до мали мечиња.

Опасност секако постои, но доколку се придржуваме кон определени правила при движење во природа, таа опасност е минимална. Мечката најчесто напаѓа кога ќе е изненадена, ранета или пак е со своите млади, и во тој случај тоа е нејзина одбрамбена реакција. Затоа најдобро е кога пешачиме во природа, да се движиме по обележаните патеки, да зборуваме (на тој начин ќе ја предупредеме мечката дека сме во близина и ќе побегне), да не оставаме органски отпадоци, да не застануваме или пробаме да фатиме мали мечиња и слично“, велат од МЕД.

Како долгорочно решение, експертите од МЕД бараат усвојување на Национален акциски план за мечка, формирање интервентен тим и воспоставување долгорочна програма за мониторинг, со што би се обезбедило подобро управување со популацијата и намалување на конфликтите помеѓу луѓето и овој заштитен вид.

К.Д.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ