„Посетата е по серијата состаноци и комуникации одржани претходно, каде што Кител позитивно одговори на нашата покана да го посети регионот на Преспа. Тој беше придружуван од Роберта Таларико, советник во Европската комисија/ДГ РЕГИО, како и Марија Галевска, раководител на проекти во Европската комисија“, објави Општина Пустец.
На средбата присуствуваа и градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, генералниот секретар на општина Преспа од Грција, Михалис Петракос, како и претставник на општина Девол, со која имаат континуирана соработка и заеднички проекти во функција на развојот на регионот Преспа.

За време на посетата, високиот гостин имал можност да се запознае со извонредниот туристички, културен и природен потенцијал на ова подрачје, како и со предизвиците и можностите што ги претставува одржливиот развој на овој регион.
„Во разговорите што се водеа со нашите колеги од Грција и од Македонија, беше нагласена важноста од зајакнување на регионалната соработка, развојот на одржливиот туризам, заштитата на животната средина, зелените инвестиции и улогата што нашите општини можат да ја играат во рамките на европските програми и стратегии за Западен Балкан“, наведуваат од општината.
Оценуваат дека оваа посета претставува исклучителна можност за промоција на Преспа и зајакнување на врските со европските институции, отворајќи го патот за нови иницијативи и проекти што ќе придонесат за економскиот, социјалниот и туристичкиот развој на регионот.

Посочуваат дека Преспа останува пример за прекугранична соработка и територија со голем потенцијал за развој, која ќе продолжиме да ја промовираме со посветеност на секое ниво.






