Предлог-законот, како што информираат од МП, содржи решенија за унапредување на одредбите што се однесуваат на конфискацијата, правата на жртвите на кривични дела, мерките за пронаоѓање и обезбедување лица и предмети, електронските докази, посебните истражни мерки, финансиските истраги, увидот во списите, одржувањето рочишта и изведувањето докази на далечина, постапувањето по обвинителен акт, главната расправа, правните лекови, скратената постапка и други аспекти на кривичната постапка.
-Предлогот е усогласен со јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права, како и со меѓународните и европските стандарди. Воедно, законот е усогласен со 18 директиви на Европската Унија, особено во делот на процедуралните права на осомничените и обвинетите лица, правата на жртвите и конфискацијата – нагласувата од Министерството за правда.
Најзначајните новини во предлог-законот за кривичната постапка се, подобрување на одредбите за конфискација, дигитализација на кривичната постапка, ревидирање на одредбите за посебните истражни мерки, унапредување на процедуралните права на осомничените и обвинетите лица, како и правата на жртвите согласно законодавството на Европската Унија, усогласување со Законот за АРО, Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка и Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство и отстранување на недостатоците утврдени во досегашната практика.
Со предложените решенија, се вели во соопштението од МП, се создава основа за поефикасна, потранспарентна и помодерна кривична постапка, усогласена со европските стандарди и потребите на современиот правосуден систем.






