среда, 24 јуни 2026

Бивши израелски лидери и безбедносни шефови му се заканија на Нетанјаху со тужба поради „еврејскиот тероризам“

Десетици припадници на израелската безбедносна, политичка и културна елита се заканија дека ќе покренат правна постапка против владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, обвинувајќи ја дека на окупираниот Западен Брег поддржува еврејски тероризам и „идеологија на етничко чистење“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според протечено писмо, кое дошло до британскиот весник Гардијан, потписниците бараат итни мерки за запирање на насилството врз Палестинците и предупредуваат дека, доколку властите не реагираат, ќе се обратат до израелскиот Врховен суд.

Меѓу потписниците на, како што го нарекуваат, „последното предупредување“ се двајца поранешни премиери – Ехуд Олмерт и Ехуд Барак, поранешни директори на сите главни израелски безбедносни служби, поранешни судии, добитник на Нобеловата награда, како и најпознатиот жив израелски писател Давид Гросман.

Во писмото се бара „искоренување на еврејскиот тероризам“, а се наведуваат многубројни напади врз Палестинци во изминатите години, вклучувајќи убиства, сексуални напади, кражби, подметнување пожари и сквернавење мртви тела. Потписниците тврдат дека дел од тие дела ги извршиле и цивили и припадници на израелската војска, при што уживале „речиси целосна неказнивост“.

„Ова писмо е повик за будење и последно предупредување. Бараме од вас да ги преземете сите неопходни мерки за веднаш да се искорени еврејскиот тероризам, кој во последните години е широко распространет во Јудеја и Самарија“, се наведува во документот, користејќи го израелскиот назив за окупираниот Западен Брег.

Писмото е испратено до кабинетот на Нетанјаху, Министерството за одбрана, Министерството за национална безбедност, израелската војска, полицијата и разузнавачките служби.

Потписниците ја обвинуваат владата дека дозволува напади врз Палестинците со цел да се спроведе агенда за етничко чистење и идно припојување на територијата.

„Тоа не е само неуспех на војската и полицијата, туку спроведување отворена политика на израелската влада и на нејзиниот премиер, а особено на надлежните министри“, се наведува во писмото.

Според авторите, државните институции намерно им дозволуваат на екстремистичките групи да дејствуваат бидејќи нивните активности се вклопуваат во политиката на актуелната влада.

Во документот се повлекува и паралела со историските прогони на Евреите во Европа.

„Злосторствата на еврејскиот тероризам на териториите потсетуваат на сличните злосторства и погроми што врз нашиот народ ги извршувале други народи во Источна Европа во 19 и 20 век“, пишуваат потписниците.

Тие ја обвинуваат и израелската војска дека е соучесник во насилството, не само поради тоа што не интервенира, туку и поради директно учество на некои војници и припадници на локалните одбранбени единици во нападите.

Според податоци на Обединетите нации наведени во писмото, од 2020 година израелските војници и доселеници убиле најмалку 1.100 палестински цивили на окупираниот Западен Брег, од кои најмалку една четвртина биле деца. За ниту еден од тие смртни случаи досега не е поднесено обвинение.

Групата предупредува дека таквото насилство ја загрозува и безбедноста на самиот Израел, бидејќи може да предизвика одмазднички напади и ново палестинско востание против израелската окупација.

Меѓу потписниците се повеќе од 30 поранешни безбедносни команданти, двајца поранешни началници на Генералштабот на израелската армија, поранешни директори на Мосад, Шин Бет и полицијата, како и поранешни министри за одбрана и правда.

Покрај Давид Гросман, документот го потпишале и нобеловецот по хемија Давид Корнберг, еден добитник на Оскар и десетмина добитници на Израелската награда.

Во писмото директно се критикува Нетанјаху, при што се оценува дека неговата изјава од минатата година, според која насилството на доселениците го извршуваат само „неколку десетици тинејџери“, „нема никаква поткрепа во реалноста“.

Писмото е упатено и до министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир, министерот за одбрана Израел Кац, началникот на Генералштабот Ејал Замир, директорот на Шин Бет Давид Зини и полицискиот комесар Даниел Леви.

До објавувањето на текстот, кабинетот на премиерот, министерствата, полицијата и армијата не одговориле на барањата за коментар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ