среда, 24 јуни 2026

Туск: Можеби е подобро што Зеленски поради војната со ордени не доаѓа во Гдањск

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во последен момент го откажа доаѓањето на една од трите големи меѓународни конференции за Украина во Европа оваа година поради судирот со полскиот претседател Карол Навроцки, а полскиот премиер Доналд Туск денес изјави дека можеби е подобро така, бидејќи ќе се смират вжештените страсти.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Утре ќе имам можност да кажам неколку остри збора за политичарите што несоодветно реагираат на различните толкувања на нашата болна историја. Имам чувство дека одлуката на Зеленски да не дојде, која украинската премиерка ја консултираше со мене, може да придонесе конференцијата да биде поконкретна, без вжештени страсти“, изјави денес Туск на прес-конференција по повод отворањето на нова делница од автопат.

Зеленски во последен момент го откажа доаѓањето на една од трите големи меѓународни конференции за Украина во Европа оваа година поради судирот со полскиот претседател Навроцки. Тој му го одзеде на Зеленски полскиот Орден на Белиот орел затоа што Зеленски во мај потпиша указ со кој една единица на украинската војска го доби името Херои на Украинската востаничка армија (УВА).

Навроцки дополнително му се закани на Зеленски дека Украина нема да влезе во Европската Унија сѐ додека величи воени злосторници и украински националисти, бидејќи нивната вооружена формација, УВА, е одговорна за масовни етнички чистења на полското, но и на чешкото и еврејското население во областа Волинија во западниот дел на денешна Украина и во Галиција за време на Втората светска војна.

Одредите на УВА, кои борејќи се за независноста на Украина против Црвената армија повремено соработувале со нацистите на Хитлер, се одговорни за Волинскиот масакр во 1943 и 1944 година, кој Полска го означува како геноцид бидејќи во него биле убиени околу 100.000 полски цивили, жени и деца во селата од таа област.

Зеленски одби единицата да го смени името, потоа самиот го врати орденот и го потсети Навроцки дека истиот орден му бил одземен нему, но со него и понатаму се кити покојниот водач на италијанските фашисти Бенито Мусолини. Кога избувна војната со ордени, своите ордени на Белиот орел ги вратија и тројца поранешни претседатели на Украина.

Доаѓањето во Гдањск го откажа и сопругата на Зеленски, Олена Зеленска, која требаше да учествува во дебата со студенти на Универзитетот во Гдањск.

„Го кажав ова многупати и повторно апелирам до Навроцки, Зеленски, до сите наши и украински политичари и до сите луѓе со добра волја. Многу лесно може да се предизвика меѓусебна нетрпеливост и агресија. Делиме болна историја, имаме повеќе од милион украински бегалци во Полска. Тоа секогаш предизвикува судири, чувство на замор и неправда, тоа го знаевме уште од самиот почеток“, изјави денес Туск.

Премиерот апелираше до сите, и политичарите и граѓаните во двете земји, да настојуваат ѓаволот и тие демони од минатото повторно да не излезат на виделина.

„Кога ќе погледнам што се случуваше во Европа, кога ќе ги погледнам Французите и Германците, нашето помирување со Германците, кое сѐ уште е тешко, велам дека помирувањето е како слободата, постојано мора да се чува. За да биде вистинско, бара непрекинати напори од сите. Ние ги имаме сите предуслови да се помириме со Украинците, но врз основа на вистината. Украина мора да сфати дека вистинското помирување мора да се изгради врз вистината“, рече полскиот премиер.

Туск предупреди дека сега е последен момент Полјаците и Украинците да покажат како изгледа цивилизирано соживување на народите, бидејќи секој разумен човек знае дека кавгата меѓу Украинците и Полјаците е подарок за Путин и Русија.

„Јас немам намера да подарувам такви подароци“, рече Туск.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ