среда, 24 јуни 2026

Премиерот на Чешка го спречува претседателот да оди на самитот на НАТО за да не го налути Трамп

Чешкиот премиер Андреј Бабиш изјави денес дека го спречил претседателот Петр Павел да оди на самитот на НАТО на 7 и 8 јули во Анкара затоа што „целиот самит ќе се врти“ околу американскиот претседател Доналд Трамп, кого чешкиот претседател постојано го критикува.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Тој многу го критикуваше. Кажа дека е одвратно суштество и дека изборите во Соединетите Американски Држави покажаа колку е кревка демократијата. Кажа дека нанел поголема штета на пактот на НАТО отколку Путин. Павел го спореди стилот на Трамп со пазарење на ориентален пазар. Кажа дека нема да му подаде рака“, истакна Бабиш во интервју за чешкиот таблоид Блеск.

Бабиш, кој претходно долго време се карактеризираше како страствен поддржувач на Трамп и неговиот прагматичен, трансакциски стил во политиката, неодамна се дистанцира од него, бидејќи проблемите што Трамп ги создава за Европа се множат. Тој дури  претходно оваа недела изјави и дека Трамп треба да му се извини на италијанската премиерка Џорџа Мелони затоа што кажа дека го молела да се слика со него на неодамнешниот самит на Г7.

Како што се приближува самитот во Анкара, Бабиш, сепак, повторно почна да нагласува дека се сретнал со Трамп пет пати и дека може да му објасни за време на неформалната вечера на првиот ден од самитот зошто Чешка е една од само трите земји во НАТО кои не го исполнуваат долгоочекуваното ветување да издвојуваат најмалку два проценти од БДП за одбрана годишно.

„Не го разбирам тоа, кога сите знаеме дека самитот на НАТО ќе се врти околу Трамп, кој сега беше на Г7“, објасни Бабиш дека владата не го сака предлогот на претседателот Павел за компромис: да одат заедно на самитот, како претходно на самитите на Европската Унија.

Чешкиот премиер нагласи дека неформалната вечера е исто така важна, бидејќи слушнал дека Германија наводно подготвува предлог Украина да добива 70 милијарди евра годишно од ЕУ.

Бабиш инсистира дека не треба да зборуваме за пари за војна, туку за мир, и дека би било смешно ако шефот на државата и шефот на владата се на вечерата.

„Целиот свет би ни се смеел да сме таму заедно, да се држиме за раце, или што!?“, кажа Бабиш.

Во понеделникот чешкиот претседател побара од Уставниот суд да одлучи кој може да одлучува за учеството на шефот на државата на самитот, да ѝ наложи на владата да не поставува административни или други пречки кога претседателот ја извршува својата функција дефинирана со Уставот и исто така да ѝ наложи да соработува со него во ова.

Дополнително, претседателот Павел побара да се утврди привремена мерка: Уставниот суд да наложи тој да биде шеф на делегацијата на самитот на НАТО, бидејќи Владата до последен момент ја одложи одлуката дали премиерот или претседателот ќе одат на самитот, па единственото разјаснување за тоа какви овластувања има Владата и какви овластувања има претседателот ќе дојде дури откако самитот веќе ќе заврши.

Спорот околу тоа дали Павел ќе оди на самитите на НАТО, а премиерот на самитите на ЕУ, што беше „непишано железно правило од самиот почеток“, избувна кога шефот на чешката дипломатија Петр Мацинка, лидерот на партијата Возачи блиска до движењето МАГА, во приватни ноќни СМС-пораки му се закани на советникот на чешкиот претседател дека Павел ќе ги „запали сите мостови“ и дека кохабитацијата на Владата и претседателот ќе биде „толку брутална што дури ќе влезе во учебниците“ ако не го назначи контроверзниот инфлуенсер Филип Турек за министер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ