среда, 24 јуни 2026

Пилотот на урнатиот американски Ф-15 во Иран: „Гледав роеви дронови. Како вонземна технологија“

Пилотот на американскиот борбен авион Ф-15, кој беше урнат во Иран во април, им ја опишал на разузнавачките службеници шокантната сцена што ја видел непосредно пред катапултирањето. Според него, видел неколку ирански дронови како лебдат и се движат како една единица, во формација што личела на медуза. Неговото сведоштво, кое досега не е објавено, предизвика жестока дебата во американската разузнавачка заедница, пишува Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Пилотот ја дал својата изјава за време на разговор со разузнавачките службеници откако бил спасен од припадници на специјалните сили. Според четири извори запознаени со случајот, ако пилотот навистина го видел она што го опишал, тоа би претставувало загрижувачки напредок во капацитетите на Иран за беспилотни летала.

„Повеќе дронови поврзани заедно, движејќи се како едно, со помали дронови под поголемите како раце“, изјавил еден извор за CNN за описот на пилотот. „Вистинско вонземно срање“.

Друг извор изјавил дека пилотот опишал дека видел „минско поле со дронови“ во воздухот. Иако точната причина за падот на Ф-15 е сè уште под истрага, првичните информации укажуваат дека токму таквата формација на беспилотни летала можеби му овозможила на Иран да го собори американскиот авион, според два извори.

Во соборениот Ф-15 имало двајца членови на екипажот – пилот и офицер за оружје. Американските сили веднаш започнале обемна операција за пребарување и спасување. Пилотот бил спасен неколку часа по катапултирањето, додека офицерот за оружје избегнал заробување во планините повеќе од еден ден пред и тој да биде спасен. Не е познато дали и тој ја видел претходно споменатата формација на беспилотни летала.

Падот на Ф-15 бил првиот таков инцидент за време на конфликтот со Иран. За време на спасувачката операција, беше урнат и авион А-10, но неговиот пилот успеал безбедно да се катапултира од иранскиот воздушен простор.

Американските разузнавачки службеници се поделени околу толкувањето на сведоштвото на пилотот и неговата способност јасно да го раскаже настанот. Имено, пилотот доживеал потрес на мозокот за време на падот. Покрај тоа, ова му бил втор пат да биде соборен за време на војната со Иран – тој бил меѓу пилотите случајно соборени од кувајтските сили на почетокот на конфликтот, според два извори.

Разузнавачките претставници се прашуваат дали тој бил сведок на зрела технологија за која САД не биле свесни, бета-тест или само на привидение во пустината. „Дали сте сигурни дека сте го виделе она што тврдите дека сте го виделе?“ – со тие зборови, според еден од изворите, го соочиле службениците кои го воделе разговорот.

Воздухопловните сили на САД упатиле прашања до Централната команда на САД, која не одговори директно на прашањата на Си-ен-ен. И канцеларијата на директорот на националното разузнавање не одговорила на барањето за коментар.

Прашањата за иранската програма за беспилотни летала доаѓаат во време кога САД и Техеран преговараат за условите за завршување на војната. Рокот од 60 дена за преговори како дел од прекинот на огнот започна минатата недела. Се очекува разговорите да се фокусираат на нуклеарната програма на Иран, иако двете страни отворија голем број други теми.

Иако американските разузнавачки агенции сè уште не процениле дека Иран ги поседува можностите опишани од пилотот, постојат голем број извештаи што укажуваат дека Техеран добил помош во развојот на технологијата за беспилотни летала од Кина и Русија, според два извори запознаени со ова прашање.

Техничкиот термин за можноста што ја опиша пилотот е „мрежно поврзување од еден до многумина“. Генерално му овозможува на операторот да контролира повеќе беспилотни летала истовремено. Се верува дека други земји, како што се Русија и Кина, веќе ја поседуваат оваа можност. Секој напредок во веќе софистицираната програма за беспилотни летала на Иран би бил причина за загриженост за американските сили и нивните сојузници во регионот.

Еден американски функционер забележал дека мрежното поврзување теоретски би можело да се користи за бенигни цели, како што е обезбедување интернет конекција во оддалечени области без постоечка инфраструктура.

За време на конфликтот, Иран агресивно ги користеше своите беспилотни летала за напад како асиметрично оружје против американските и израелските сили и соседните земји од Заливот.

„Ќе потрошиме огромни, огромни суми пари и многу крв за да се заштитиме од нешто што може да се координира на тој начин“, изјави Ема Бејтс, експерт за војување со беспилотни летала и основачка на компанијата Качаи, за Си-ен-ен за заканата што ја претставуваат мрежните роеви беспилотни летала.

„Ако нешто може да се координира во препознатлива форма и да се одржува, ако носи експлозиви на себе и ако чува ресурси во резерва за да го нападне она што првиот бран не го уништил – тоа е многу моќен пристап“, додава Бејтс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ