среда, 24 јуни 2026

Зошто Бугарија се заканува дека ќе стави вето на санкциите против Русија

Кога Европската Унија се обиде во својот последен пакет санкции против Русија да ги вклучи патријархот Кирил, поглаварот на Руската православна црква, и поранешниот претседател на Лукоил Вагит Алекперов, , само една земја членка се спротивстави: Бугарија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

За време на неговото прво појавување на состанокот на Советот на ЕУ на 18 јуни, премиерот Румен Радев кажа дека неговата земја ќе стави вето на пакетот, кој вклучува 34 лица и 47 субјекти – освен тие двајца, двајцата Руси, не бидат отстранети од листата.

Иако Радев го поддржа отворањето на преговорите за пристапување на Украина во ЕУ и се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Брисел за да разговараат за енергетската безбедност и производството на беспилотни летала, тој исто така јавно ја бранеше улогата на Руската православна црква во бугарската историја и го опиша Алекперов како некој што инвестирал „ресурси и напори“ во единствената бугарска рафинерија за нафта.

Заканата со вето на бугарскиот премиер доаѓа само девет дена откако Софија ја забрани испораката на државно оружје во Киев. Ова предизвикува загриженост дека во надворешната политика, Бугарија би можела да почне сè повеќе да им дава приоритет на внатрешните работи, во однос на единството на ЕУ по прашањето на Русија.

Каква е врската на Бугарија со Лукоил?

„Нема да дозволиме санкции што ќе им наштетат на Бугарија и на нејзината економија“, им кажа Радев на бугарските новинари во Брисел на 18 јуни.

Тој објасни дека мерките би можеле да ја нарушат испораката на ѓубрива и резервни делови за метрото во Софија, но додаде и дека е најзагрижен за работењето на рафинеријата за нафта на Лукоил во Бургас.

По санкциите на Соединетите Американски Држави против руската компанија во 2025 година, Бугарија ја презеде контролата врз бизнисот со назначување на специјален државен администратор.

Како одговор, швајцарската филијала на Лукоил, Литаско, која е формален сопственик на средствата на Лукоил во Бугарија, тврдеше дека станува збор за нелегална експропријација и предупреди дека може да побара правен лек.

Зошто приговор на санкциите против Алекперов?

Според бугарскиот министер за економија Александар Пулев, спорот би можел да ја изложи Бугарија на обврска до три милијарди евра.

Иако локалните медиуми објавуваат дека сè уште нема официјална потврда за арбитража, Радев посочи на потенцијален спор, тврдејќи дека санкционирањето на основачот на Лукоил Вагит Алекперов, кој поднесе оставка од функцијата претседател на компанијата и член на одборот во 2022 година, би било слично на „пукање во сопствената нога“.

Премиерот не објасни како санкциите против Алекперов би влијаеле врз работењето на Лукоил во Бугарија или зошто неговата одбрана во Брисел би влијаела на каков било потенцијален правен спор.

Верските аргументи на бугарскиот премиер

Радев воедно се заложи и за тоа политиката да остане подалеку од религиозните прашања, а исто така кажа дека Бугарската православна црква треба да се праша за санкциите против рускиот патријарх Кирил.

Меѓутоа, со оглед на тоа што Бугарија е уставно секуларна држава, Црквата нема збор во однос на надворешната политика на Бугарија.

На тврдењата на новинарот дека рускиот патријарх е еден од најлојалните поддржувачи на руската агресија во Украина, Радев одговори дека „нему не му е грижа за него, туку за самата Руска православна црква“.

Потоа своето противење на санкциите го поврза со придонесот на Црквата во ослободувањето на Бугарија од османлиската власт по Руско-турската војна од 1878 година, велејќи: „Ние сме едно семејство“.

Патријархот Кирил избегна санкции во 2022 година откако тогашниот унгарски премиер Виктор Орбан се закани дека ќе стави вето на уште еден пакет санкции на ЕУ против Русија.

Недостиг од јасност

Недостигот од јасност во аргументите на Румен Радев во врска со Алекперов и патријархот Кирил доведе до реакции од двете најголеми бугарски опозициски партии, ГЕРБ и Демократска Бугарија. Тие ја обвинија владата дека дозволува надворешната политика да биде обликувана од руските интереси.

Иако Бугарија не би била првата земја од ЕУ што ќе ги блокира или одложи санкциите на ЕУ против Русија – Унгарија и Словачка го сторија тоа во минатото – таков потег би бил прв за Бугарија. Досега, таа земја не блокирала ниту еден пакет санкции против Русија.

Проруски ориентираните Бугари ја поддржуваат одлуката на Радев

Но, реториката на премиерот наиде на резонанца меѓу проруски ориентираните Бугари, кои ја пофалија неговата закана со вето. Според најновото истражување на Евробарометар, 45 проценти од Бугарите – речиси двојно повеќе од просекот на ЕУ – не ги поддржуваат санкциите против Русија.

Меѓутоа, според Александар Стојанов, историчар во Бугарската академија на науките, историските аргументи што ги користел Радев за да ја поткрепи својата закана со вето биле неточни.

„Цар Петар Први ја укина патријаршијата на почетокот на 18 век и ја презеде контролата врз Црквата“, изјави тој за Дојче веле, додавајќи дека „Руската црква немала независна улога или влијание во однос на слободата на Бугарија надвор од политиката на Руската империја“.

Премиерот се осврна и на она што го нарече поголема улога на Русија во ослободувањето на Бугарија од „османлиско ропство“ -политички обоен термин што добар број историчари го отфрлаат и наместо тоа зборуваат за „османлиска власт“.

„Не е лапсус, туку користење на историјата за политичка демагогија“, смета Стојанов.

Други православни земји го поддржаа пакетот санкции

Други православни христијански земји во ЕУ, вклучувајќи ги Грција и Романија, ги одобрија санкциите против рускиот патријарх поради неговата поддршка за војната во Украина.

„Постојат земји членки кои се загрижени за промената на ставот на Бугарија – токму сега, кога се чини дека е вистинскиот момент да се изврши последен притисок врз Русија за конечно да се постигнат преговори“, вели за Дојче веле Весела Чернева, заменик-директорка на Европскиот совет за надворешни односи.

Чернева го доведе во прашање објаснувањето на Бугарија за најавеното вето за санкциите: „Дури и ако тоа е начин Радев да ја консолидира домашната политичка поддршка, користа за Бугарија во европски контекст е доста сомнителна“, вели таа.

Разговор со две публики

Радев го напушти самитот на Советот на ЕУ со политичка победа, откако Европската комисија го одобри четвртото барање на Бугарија за исплата на нова транша од средствата за закрепнување од ковид-19 во рамките на Фондот на ЕУ за закрепнување и отпорност (РФФ).

Тој ја и искористи можноста да изјави дека домашните критичари ги преувеличуваат неговите аргументи за ставање вето на санкциите и дека институциите на ЕУ изразуваат доверба во новата бугарска влада.

Бугарија би можела да ја оствари својата закана за ставање вето на пакетот санкции за време на состанокот на постојаните претставници на земјите членки во седиштето на ЕУ во Брисел во јули. Ако тоа се случи, и ако не се постигне договор, патријархот Кирил и Алекперов би можеле да останат надвор од списокот со санкции.

„Идејата дека некој може да биде конструктивен во рамките на Советот на ЕУ, а потоа да излезе и да зборува за националниот интерес пред бугарската јавност, не е нова“, потсетува Чернева за ДВ. „Прашањето е колку долго бугарското општество ќе биде подготвено да ја толерира оваа дисонанца“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ