Најкритичниот дел од денот за физичка активност
Експертите советуваат да се избегнува каков било интензивен тренинг помеѓу 11 часот наутро и 15 часот попладне. Како што објаснува д-р Хусеин Ахмад од Велика Британија, во овој период сончевото зрачење е најсилно, а загреаните површини како што е асфалтот дополнително го зголемуваат чувството на топлина.
Организмот веќе природно се лади преку потење и зголемен проток на крв кон кожата, но физичкиот напор во такви услови дополнително го забрзува покачувањето на телесната температура. Ова може да доведе до топлотна исцрпеност, а во тешки случаи и до топлотен удар.
Кои активности се најбезбедни?
Ако сакате да останете физички активни за време на топлотен бран, пливањето се смета за најбезбедна опција бидејќи водата помага ефикасно да се разлади телото.
За трчање или возење велосипед се препорачува рано наутро, најдобро пред 10 часот. Исто така, тренингот во климатизирани или добро проветрени простории може да биде добра алтернатива. Експертите советуваат и пократки тренинзи, почести паузи и постојана хидратација.
Како да се однесувате за време на тренингот и по него
Важно е да носите лесна, светла и пропустлива облека и веднаш да ја прекинете активноста ако се појават симптоми како вртоглавица, слабост или мачнина.
Експертите од фитнес-индустријата дополнително ја нагласуваат важноста од постепено разладување по вежбањето. Наглото прекинување на активноста може да предизвика непријатност, па затоа се препорачуваат 5 до 10 минути лесно разладување преку прошетка и истегнување за организмот да се стабилизира.
Прилагодување на навиките за време на топлотен бран
Со оглед на тоа што високите температури ќе продолжат и на почетокот на следната недела, експертите велат дека приспособувањето на дневната рутина ќе биде клучно. Кога живата во термометарот ќе надмине 35 степени, најпаметниот „тренинг“ често е оној што ќе се помести во раните утрински или доцните вечерни часови.






