Отворањето на јубилејното 65-то издание на Струшки вечери на поезијата, како што истакна директорот Никола Кукунеш, ќе се одржи, на 24 јуни, датумот кога се одбележуваат 165 години од објавувањето на „Зборникот на народни умотворби“ од браќата Миладиновци (објавен на 24 јуни 1861 година во Самобор, во близина на Загреб, Хрватска).
„Во текот на своето постоење фестивалот, во неколку наврати, го менувал датумот на оддржување прилагодувајќи се на можностите и условите. За разлика од изминатите години кога фестивалот се одржуваше последната недела во август, годинава ќе биде во знак на големиот јубилеј 165 години од издавањето на зборникот на Миладиновци и ќе почне на датумот на неговото издавање“, изјави Кукунеш.
Тој потврди дека подготовките се во завршна фаза и најави учество на големи поетски имиња и издигање на фестивалот на едно повисоко ниво.
Уметничкиот директор Мите Стефоски информира дека годинашното издание на Фестивалот е подигнато на едно повисоко ниво, ќе биде подолго за еден ден, споредено со претходните неколку години и го враќа форматот на професионален фестивал.
„СВП може да се пофали со богата издавачка дејност, 12 публикации ќе бидат промовирани во текот на фестивалот, и уште неколку подоцна, како дел од продолжената програма. Богатата издавачка продукција ја сочинуваат изданијата на наградените поети, луксузната монографија на добитникот на наградата Златен венец за 2016, холандската поетеса Анеке Брасинга, книгата „Нови познати фрази“ од Даниел Хајндс од Обединетото Кралство, која годинава е добитник на наградата Мостови на Струга која се доделува во соработка со УНЕСКО, книгата на минатогодиншниот добитник на наградата Браќа Миладиновци, Рајсфершлус од Јулијана Величковска“, истакна Стефоски.
Тука, според него, се и тематската антологија на македонската поезија „Камен и земја“, приредена од Иван Џепароски, книгите со избор од творештвото на неколкумина значајни светски поети, како Луис Гарсија Монтеро од Шпанија, Питер Мекеј од Обединетото Кралство, Михаел Кригер од Германија, Шји Чуан од Кина… Како и антологијата на фестивалот „Кој е кој – поезија од пет континенти“ со избор од учесниците на Фестивалот, две книги на поетите, дел од платформата ВЕРСОПОЛИС, поддржана од Креативна Европа.
„Годинава имаме едно навистина ретко публицистичко издание „Венецоносци – разговори на брегот“ од Диме Ратајкоски, книга со интервјуа со лауреати на Златен венец и други значајни светски поети кои биле дел од манифестацијата во периодот од 2012 до 2018 година“, додаде Стефоски.
Според него, на јубилејното издание ќе учествуваат околу 70 поети, критичари, преведувачи и литературни работници од земјава и странство. Покрај лауреатот на највисокото фестивалско признание „Златен венец“ Анеке Брасинга од Холандија, добитникот на наградата „Мостови на Струга“, Британскиот поет Даниел Хајндс, на јубилејното фестивалско издание учество ќе земат еминентни поети од Македонија, Грција, Турција, Бугарија, Австралија, Албанија, Холандија, Италија…






