понеделник, 22 јуни 2026

Од Кале до Плаошник, Владата го усвои извештајот за работа на Управата за заштита на културното наследство

Десетици дозволи за археолошки истражувања, реализирани стотици инспекциски надзори и дигитализирани повеќе од 15.000 документациски единици, додека во завршна фаза е првата Национална стратегија за заштита на културното наследство за периодот 2026–2030 година, е билансот од работата на Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) содржан во Извештајот за работа за 2025 година, документ кој дава детален преглед на активностите поврзани со заштитата, валоризацијата и управувањето со културното наследство во државата, а кој го усвои Владата на последната седница.

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопштија од Владата, еден од најзначајните процеси што ја одбележаа изминатата година е подготовката на првата Национална стратегија за заштита и користење на културното наследство за периодот 2026–2030 година, заедно со Акциски план за нејзина реализација. Според Управата, документот се наоѓа во завршна фаза на владина постапка и треба да ги постави насоките за идниот развој на политиките во оваа област.

Паралелно со стратешкото планирање, продолжија и неколку капитални проекти од национално значење. Меѓу нив се издвојуваат активностите за довршување на Праисторискиот музеј и Музејот на Отоманскиот период на Скопското Кале, како и проектот за возобновување на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник, еден од најзначајните духовни и културни симболи на земјата.

Податоците од извештајот покажуваат значителен обем на активности во областа на заштитата на културното наследство. Во текот на 2025 година биле издадени 88 дозволи за археолошки истражувања, а институцијата постапувала по 108 барања за издавање заштитно-конзерваторски услови.

Во делот на непосредната заштита биле издадени 37 конзерваторски одобренија за архитектонско културно наследство во заштитени подрачја, 13 одобренија за недвижно културно наследство, меѓу кои археолошки локалитети, фрескоживопис и подни мозаици, како и 48 одобренија за заштита на движното културно наследство.

Значителен е и обемот на административните и инспекциските активности. Во текот на годината биле издадени 695 мислења по урбанистички планови, обработени 2.483 предмети преку системот Е-урбанизам и реализирани 344 инспекциски надзори. Во рамките на процесот на дигитализација биле обработени повеќе од 15.000 документациски единици, што претставува важен чекор кон модернизација на системот за заштита и управување со културното наследство.

Во областа на валоризацијата и правната заштита, на предлог на Управата биле донесени пет одлуки за прогласување културно наследство од особено значење. Истовремено биле подготвени и пет решенија за прогласување значајно културно наследство, како и 17 решенија за регистрација на културно наследство по сила на закон.

Значајно место во извештајот има и меѓународната соработка. Во текот на 2025 година Управата активно учествувала во повеќе од дваесет меѓународни активности, со посебен акцент на обврските поврзани со заштитата на Охридскиот регион како светско природно и културно наследство под заштита на УНЕСКО, како и на зачувувањето на нематеријалното културно наследство.

Од Управата оценуваат дека постигнатите резултати претставуваат потврда за континуираните напори за унапредување на системот за заштита на културното наследство и за обезбедување поефикасно, потранспарентно и поодговорно институционално работење во оваа исклучително важна област.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ