понеделник, 22 јуни 2026

Минчев: Реформите можат да создадат правила, но луѓето создаваат резултати

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев учествуваше на ЦЕФ Форумот 2026 на тема “Управување во услови на неизвесност и градење отпорни јавни институции“, кој се одржа денеска во Скопје под покровителство на Министерството за финансии, со учество на високи владини претставници, експерти и носители на политики од регионот и Европа.

Објавено на

часот

Сподели

Во рамки на панел дискусијата посветена на лидерството и институционалната отпорност, Минчев, како што информираат од неговиот кабинет, истакнал дека во време на сè покомплексни предизвици, способноста за координација меѓу институциите претставува еден од најважните предуслови за успешно спроведување на реформите и испорака на квалитетни услуги за граѓаните.

„Најголемиот ризик во услови на неизвесност не е недостатокот на идеи или стратегии, туку ситуацијата кога институциите не успеваат да се движат во иста насока. Координацијата, довербата и заедничката визија се темелот на секоја успешна реформа“, порача Минчев.

Осврнувајќи се на реформите во јавната администрација, Минчев го посочил процесот на подготовка на новиот реформски пакет како пример за успешно управување со комплексни промени во услови на различни очекувања и предизвици. Дополнително, се вели во соопштението, Минчев потенцирал дека реформите во јавната администрација се директно поврзани со процесот на европска интеграција, професионализацијата на јавната служба и јакнењето на довербата на граѓаните во институциите.

Во своето обраќање, Минчев ја истакнал и важноста на континуираниот професионален развој на административните службеници, нагласувајќи дека најважната инвестиција за секоја институција остануваат луѓето.

„Реформите можат да создадат правила, технологијата може да создаде алатки, но луѓето се тие што создаваат резултати. Ако сакаме отпорни институции, мора постојано да инвестираме во знаењето, вештините и лидерските капацитети на јавните службеници“, истакна Минчев.

Министерството за јавна администрација, се вели во соопштението, останува посветено на спроведувањето на реформите кои ќе придонесат за модерна, професионална, ефикасна и граѓански ориентирана јавна администрација, усогласена со европските стандарди и подготвена да одговори на предизвиците на иднината.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ