Можност за болната германска економија
Растот е токму она што очајно и треба на болната германска економија, а Германија е веќе најголемиот трговски партнер на Турција, каде работат 8.600 германски компании. Министерката Рајхе смета дека има голем потенцијал затоа што Турција и покрај вртоглавото зголемување на инфлацијата и каматните стапки повисоки од 30 отсто, значително инвестира во нови технологии, обновливи извори на енергија, складирање електрична енергија и инфраструктура.
Турскиот министер за трговија Омер Болат го пофали постојното партнерство во областа на ветерната и сончевата енергија и изрази надеж за негово проширување. „Веруваме дека оваа успешна приказна ќе се повтори многу пати во наредните години и ќе создаде нови можности за инвеститорите и технолошките компании во нашите земји“, кажа Болат.
Турција како енергетски центар
Турција со години се обидува да се позиционира како центар за гас, нафта и електрична енергија, односно како врска меѓу Црно Море, Блискиот Исток и Југоисточна Европа. Германскиот енергетски снабдувач Унипер, чиј директор Мајкл Луис беше во делегацијата, сака да го зајакне своето учество во дистрибуцијата и меѓународната трговија на природен гас во Турција. Од друга страна Фредерик Доје, шеф за Европа во Сименс енерџи, гледа големи можности во проширувањето на одржливата електроенергетска мрежа на Турција и нејзино претворање во врска меѓу Централна Азија и Европа.
Предизвикот на зависност од Русија
Околу 40 отсто од природниот гас во Турција сè уште пристигнува од Русија преку гасоводот Турски тек. Поради војната на Русија во Украина, Европската Унија бара Турција како земја кандидат да го промени тоа. Турскиот министер за енергетика Алпарслан Бајрактар навести дека Турција во принцип сака да стане понезависна од руските енергетски извори, но тој не презентираше конкретни податоци ниту отфрли нови проекти со Русија. За германски Унипер рускиот гас во турската мрежа е проблем. Од компанијата велат дека за целосна соработка, Турција ќе мора да го сертифицира својот гас за да биде во согласност со санкциите на ЕУ против Русија.
Во исто време, Турција интензивно развива нови извори, како што е увозот на течен гас (ЛНГ) со танкери од Соединетите Американски Држави, а турските компании исто така започнаа со експлоатација на првото големо наоѓалиште на гас во Црно Море. Покрај тоа, Турција традиционално испорачува гас од Азербејџан, кој преку гасовод се транспортира до Западен Балкан, Југоисточна Европа и Италија, а се планира овие количества да се зголемат. Министерот Бајрактар нагласува дека диверзификацијата е клучниот збор.
Лекции од Заливот и регионален натпревар
Бајрактар истакна дека воената блокада на Ормускиот теснец, кој е клучен за транспортот на нафта и гас, покажува колку е опасно да се зависи од еден синџир на снабдување. „Ние, како Турција, сакаме, со сè посложената конфигурација на енергетскиот пазар, да обезбедиме не само сопствена безбедност на снабдувањето, туку и енергетска безбедност во регионот. За тоа ни треба уште поголема поврзаност“, кажа тој. Германските компании би можеле да ги градат овие врски и гасоводи до Блискиот Исток, Северна Африка и Европа. Турската делегација кажа дека кризата во Ормускиот теснец може да биде среднорочна можност за Турција, која сака да се претстави како безбедна алтернатива на Персискиот Залив – еден вид втор Дубаи на Босфорот.
Нерешените спорови како пречка
За време на разговорите во Анкара очигледно не се споменуваше спорот со Република Кипар за големите наоѓалишта на гас. Турција тврди дека делови од тоа гасно поле во име на северниот дел на Кипар, кој незаконски го окупира повеќе од 50 години, што Република Кипар и ЕУ го отфрлаат. Додека Кипар планира да започне со експлоатација на гас следната година и да го транспортира во Египет, Турција сака да го експлоатира самото наоѓалиште и најави изградба на гасовод од Кипар до турско пристаниште до 2028 година. Во позиционирањето како енергетски центар во источниот Медитеран, Турција се натпреварува и со Грција, која го прошири својот капацитет за примање ЛНГ.
Чувствителните прашања беа оставени настрана
Не е познато дали германската министерка Рајхе во Анкара разговарала за чувствителни теми како што се недостигот на владеење на правото и задушувањето на слободата на медиумите. Таа пред средбите само изјави дека и со добри партнери има непријатни теми, но дека за нив не се разговара јавно пред микрофони. Дојче веле забележува дека и самата е директно засегната бидејќи еден од нивните дописници се гони во Анкара за наводно „омаловажување на претседателот и турските институции“ и „ширење погрешни информации“. Дојче веле бара прекинување на постапката истакнувајќи дека тоа покажува критичките гласови намерно се замолчуваат во Анкара.






