понеделник, 22 јуни 2026

Влен бара истрага дали биле местени тендерите за набавка на заштитни огради за патиштата

Три дена по објавувањето на сериозните обвинувања поврзани со работењето на поранешниот директор на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, од Влен побараа итна реакција од надлежните институции и отворање истрага за наводите кои се појавија во јавноста, се наведува во денешното соопштение на Влен. Прашањето за квалитетот на заштитните огради низ патиштата, а со тоа и безбедноста во сообраќајот се отвори откако пред еден месец во директен судир меѓу камион и автомобил бмв на скопската обиколница кај Визбегово загинаа познатиот оперски баритон Ристе Велков, неговиот син Адам, како и неговите другари Марко Ѓорѓиевски и Петар Миланов.

 

Објавено на

часот

Сподели

На прес-конференција, Мухамед Елмази од ВРЕДИ изјави дека во медиумите биле објавени информации според кои Рустеми наводно вршел притисок врз една од најголемите европски компании за производство на заштитни огради да не учествува на тендерски постапки во Република Северна Македонија.

Според Мухамед Елмази, со вршењето притисок од страна на Рустеми, била отстранета сериозна конкуренција од тендерската постапка, а просторот бил оставен за компанија од Србија.

Тој посочи дека случајот е особено чувствителен бидејќи станува збор за набавка на заштитни огради, односно опрема која е директно поврзана со безбедноста на учесниците во сообраќајот.

„Тоа не се украси покрај патиштата. Тоа е опрема што е поврзана со човечки животи и безбедноста на граѓаните“, рече Елмази, додавајќи дека доколку навистина постоеле незаконски влијанија врз тендерските постапки, институциите мора да реагираат без одлагање.

Од Влен сметаат дека молкот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) по ваквите информации отвора дополнителни прашања во јавноста. Тие го повикаа шефот на ОЈО ГОКК, обвинителот Ислам Абази веднаш да отвори истрага и да ги провери сите наводи поврзани со јавните набавки за заштитни огради и трошењето на јавните средства.

„Граѓаните имаат право да знаат дали јавните пари биле трошени законски и дали постоела фаворизација на одредени компании при спроведувањето на тендерските постапки“, истакна Елмази.

Во своето обраќање, тој упати критики и кон ДУИ, обвинувајќи ја партијата за двојни стандарди и за, како што рече, фаворизирање на одредени деловни интереси додека била на власт.

Од Влен порачаа дека нема да дозволат случајот да остане без институционален епилог и побараа Обвинителството што поскоро да ја информира јавноста дали ќе отвори истрага и кои чекори ќе ги преземе во врска со наводите изнесени во медиумите.

Прашањето за квалитетот на заштитните огради низ патиштата, а со тоа и безбедноста во сообраќајот се отвори откако пред еден месец во директен судир меѓу камион и автомобил бмв на скопската обиколница кај Визбегово загинаа познатиот оперски баритон Ристе Велков, неговиот син Адам, како и неговите другари Марко Ѓорѓиевски и Петар Миланов.

Според првичните информации, несреќата се случила откако камион кој го возел 76 годишен државјанин на Косово, ја пробил заштитната ограда, преминал на спротивната страна и директно удрил во автомобилот управуван од Ристе Велков. По судирот, возилото се запалило. Возачот на камионот тогаш беше приведен, а Обвинителството отвори истрага за утврдување на причините за несреќата.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ