На денешниот брифинг со новинарите претседателот на Собранието до крајот на јуни најави одржување и на уште една седница за закони поврзани со реформската агенда и продолженија на други седници.
Во однос на реконструкцијата на Владата, рече дека седницата ќе биде закажана кога ќе биде доставен предлогот до нив. – Без да имаме предлог за промена во владиниот Кабинет ние не можеме ништо да прејудицираме. Зависи од тоа дали ќе има нов предлог и кога ќе биде доставен – рече претседателот на Собранието.
Гаши исто така најави дека во текот на утрешниот ден се очекува до Собранието да пристигне и ребалансот на Буџетот за 2026 година, а собраниските рокови ќе почнат да течат. Пратениците според планот треба да одмараат од 1 до 31 август.
Освен законите кои денеска се на Комисијата за политички систем за Предлог на закон за судска служба и Предлог на закон за јавнообвинителска служба, двата во второ читање и за кои се поднесени многу амандмани, дел од реформскиот пакет закони се и законот за користење на енергија од обновливи извори, Предлог закон за високи раководители, како и закони предложени од пратеници – за електронски комуникации, дополнување на законот за угостителска дејност и измени на законот за договорен залог.
„Ако Владата достави нови закони поврзани со реформската агенда веднаш ќе свикаме седница, комисиска расправа и се што е потребно да се стигне до 30 јуни “, рече Гаши.
Претседателот на Собранието рече дека во принцип е секогаш за редовни избори, дури и кога бил во опозиција. – Мислам дека ни треба политичка стабилност, но и за тоа одлучува мнозинството. Ако има поинакво мислење, 61 пратеник ако изгласаат распуштање на Собранието јас нема да бидам против, истакна претедателот на Собранието Гаши.
„Принципиелно мислам дека треба редовни избори да бидат, но тоа е тоа “, рече Гаши.
Во овој собраниски состав повторно има пратеници кои воопшто не доаѓаат на седници и на комисии, како Мендух Тачи и Али Ахмети, а Гаши вели дека граѓаните одлучуваат кој ќе биде пратеник.
„Ние имаме механизми, Деловник за работа, но не можете со сила некого да натерате да дојде во Собрание. Ако граѓаните се одлучат да гласаат ние мора да го почитуваме тоа “, рече Гаши.
Тој исто така информираше дека Европскиот парламент доставил барање до шесте земји од Западен Балкан за формирање на граѓански форум.






