понеделник, 22 јуни 2026

Каква врска имаат брокулата, зелката и руколата со дебелината и високиот шеќер во крвта?

Супстанција што се наоѓа во руколата и другиот зелјест зеленчук, вклучувајќи ги брокулата и зелката, би можела да помогне во спречување на дебелината и ублажување на ефектите од исхраната богата со масти.

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

Студијата на италијанските научници, објавена во научното списание „Фитотерапија рисрч“, е спроведена под водство на Универзитетот во Пиза, со учество на истражувачи од Болоња, Фиренца и Неапол, пренесува АНСА.

Научниците ги проучувале ефектите на глукоеруцинот, соединение кое природно се наоѓа во зеленчукот од родот на зелките, меѓу кој спаѓаат руколата и брокулата.

Истражувањето е спроведено на глувци со дебелина предизвикана од исхрана богата со масти.

По 10 недели, животните кои примале глукоеруцин имале помало зголемување на телесната тежина од контролната група, како и пониско ниво на шеќер во крвта и триглицериди, со помало акумулирање на масно ткиво во пределот на стомакот.

Истражувачите, исто така, забележале значајни промени во масното ткиво.

Масните клетки биле помали, помалку погодени од воспалителни процеси и поактивни во потрошувачката на енергија.

Според резултатите од студијата, глукоеруцинот стимулира процес познат како „потемнување“ на белото масно ткиво, при што тоа ги добива карактеристиките на кафеаво масно ткиво, кое троши повеќе енергија и придонесува за поефикасен метаболизам.

Авторите на студијата наведуваат дека оваа супстанција не само што го намалува акумулирањето на масти, туку и го прави масното ткиво метаболички поактивно, што му овозможува на организмот поефикасно да согорува калории наместо да ги складира.

Студијата, исто така, покажа зголемени нивоа на хормонот иризин кај животните на кои им бил даван глукоеруцин.

Иризинот го произведуваат мускулите и е познат по тоа што го стимулира трошењето на енергија и согорувањето калории.

Научниците истакнуваат дека се потребни дополнителни истражувања за да се потврдат ефектите на глукоеруцинот кај луѓето.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ