недела, 21 јуни 2026

Трамп им се закани на иранските преговарачи: „Затворете го и повеќе нема да имате држава“

Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека САД би можеле да го „преземат“ Ормускиот теснец доколку не постигнат договор со Иран, а истовремено упати закани кон иранската делегација која преговара во Швајцарија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Можеби ќе го преземеме теснецот, ако биде потребно. Ако не постигнат договор, ќе наплаќаме за премин“, изјави Трамп во дваесетминутно телефонско интервју за Фокс њуз.

Иранските државни медиуми вчера објавија дека иранската воена команда донела одлука да го затвори Ормускиот теснец поради наводните израелски прекршувања на примирјето во Либан и затоа што САД „не ја спровеле“ првата точка од привремениот договор за прекин на војната.

За време на разговорот за Фокс њуз, Трамп навести можност за продолжување на американските бомбардирања врз Иран и директно им се закани на иранските преговарачи кои во Швајцарија се среќаваат со потпретседателот Џеј Ди Венс.

„Затворете го и повеќе нема да имате држава“, им порача Трамп на иранските претставници, мислејќи на клучниот поморски премин.

„Нема ни да се вратите во вашата е*ана држава“, додаде тој.

Трамп повтори дека верува оти САД може да стане „ангел чувар“ на Ормускиот теснец и да зема 20 проценти од нафтата што минува низ него. Тој напомена дека вчера низ теснецот поминале 19 милиони барели нафта.

„Можеби ќе го преземеме теснецот ако биде потребно. Ќе ги уништиме“, предупреди Трамп.

Кога го потсетиле на изјавата на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан дека Иран го задржува правото на збогатување ураниум, Трамп остро реагирал.

„Подобро да внимава што зборува. Подобро да се доведе во ред или ќе го преземеме и остатокот од државата“, изјави тој.

Трамп рече дека рамката за 60-дневно примирје и преговори, воспоставена со Меморандумот за разбирање што го потпишал минатата недела, е „само една опција“, додавајќи: „По истекот на таа опција можам да правам што сакам.“

Претходно Трамп му се закани на Иран и поради неговите сојузници во Либан.

„Иран мора веднаш да ги запре своите скапо платени сојузници во Либан кои создаваат проблеми. Ако не го сторат тоа, повторно многу силно ќе го погодиме Иран, исто како што направивме минатата недела, само уште посилно!“, напиша тој на социјалната мрежа Трут соушл.

Примирјето меѓу Израел и Хезболах, кој е поддржан од Иран, стапи во сила во петокот по повеќемесечна ескалација на насилството, но вчерашните израелски напади во Либан усмртија најмалку 20 лица, соопшти либанската државна новинска агенција ННА.

Израел соопшти дека нападите биле одговор на проектили што групата ги испукала кон израелските сили во јужен Либан.

Претставник на Хезболах изјави за Ројтерс дека организацијата останува посветена на примирјето сè додека Израел го почитува, додавајќи дека израелските сили немаат право на слободно движење во јужен Либан.

Тој нагласи дека Хезболах не ги напаѓнал израелските сили по 18:30 часот во саботата.

Безбедносни извори потврдија за Ројтерс дека Израел исто така не извел поголеми напади врз Либан во последните 24 часа. Тоа претставува најдолг период без поголеми напади откако војната меѓу Хезболах и Израел во Либан започна на 2 март.

На прашањето на Ројтерс кога последен пат Израел отворил оган кон Либан или се судрил со Хезболах, израелската армија одби да даде „точно време“.

Ирански претставници порачаа дека Либан е централна тема на мировните преговори меѓу САД и Иран во Швајцарија, откако Вашингтон и Техеран потпишаа рамковен договор за запирање на војната што започна кон крајот на февруари.

Израелската армија навлезе во делови од јужен Либан. Хезболах тврди дека има право да се бори против израелските сили на либанска територија, но дека би ги прекинал нападите врз северен Израел.

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац најави дека израелските трупи ќе останат на сите позиции во она што Израел го нарекува безбедносна зона, која се протега околу 10 километри во јужен Либан.

Израел тврди дека тоа е неопходно за заштита на заедниците во северниот дел на земјата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ