Во третина од Франција денес е на сила „црвен метеоаларм“, бидејќи се очекува температурите во некои области да достигнат и до 40 степени Целзиусови, додека утре се прогнозира уште потопло време.
Ајфеловата кула и други популарни туристички локации во Париз поставија системи за распрскување вода за разладување на посетителите, а властите најавија и низа други мерки за намалување на опасностите од екстремните горештини.
Повеќе од 200.000 луѓе низ Европа починале како последица на жештините во последните четири години, а поголемиот дел од тие смртни случаи можеле да бидат спречени, соопшти канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа.
Ова лето се очекуваат температури над просекот, што може да предизвика топлотни удари и други здравствени проблеми.
Европската канцеларија на СЗО ги повика властите да отворат климатизирани објекти за сите граѓани и да воведат паузи или пофлексибилни смени, со што работниците би избегнувале подолг престој на сонце.
Владата забрани консумирање алкохолни пијалаци на јавни места во „црвените зони на тревога“ и им нареди на организаторите на настаните по повод Денот на музиката да го сторат истото, со цел „да им олеснат на службите за итна помош и да им се овозможи на лекарите да се фокусираат на грижата за најзагрозените лица“.
Властите се особено загрижени за луѓето кои живеат на улица, како и за постарите лица во домовите за стари лица и оние кои живеат сами без соодветна грижа.
Во саботата владата прогласи засилена готовност поради опасност од шумски пожари и нареди построг надзор во снабдувањето со вода.
Надлежните соопштија дека училиштата ќе бидат затворени само во крајна нужда, иако завршните испити што се одржуваат попладне може да бидат одложени за следното утро или за друг термин.
Францускиот премиер Себастијан Лекорни вчера свика владина седница посветена на екстремните горештини, а за денес е најавен уште еден состанок.
Лекорни им нареди на министрите да подготват планови за подобро приспособување на Франција кон топлотните бранови, вклучително и поширока употреба на „климатизациски уреди, доколку тоа е потребно“.






