Зеленски објави дека по пошта го вратил Орденот на Белиот орел на Карол Навроцки, еден ден откако полскиот претседател му го одзеде највисокото државно одликување на Полска поради спорот околу преименувањето на украинска воена единица.
Навроцки уште на 29 мај најави дека ќе побара расправа за одземање на одликувањето на Зеленски, а на 19 јуни изјави дека ја донел конечната одлука поради именувањето на украинската единица по припадниците на Украинската востаничка армија (УПА), која Полска ја поврзува со масакрите врз Полјаците во текот на Втората светска војна.
По ова, Зеленски соопшти дека го испратил Орденот на Белиот орел назад до полскиот претседател и порача дека Украина останува отворена за сите „суштински облици на соработка“ со партнерите.
По Зеленски, од истото одликување се откажа и поранешниот украински претседател Петро Порошенко, лидер на опозициската партија Европска солидарност, кој повика на смирување на тензиите меѓу Украина и Полска.
Во објава на Фејсбук, Порошенко наведе дека се откажал од Орденот на Белиот орел откако „не успеал да го убеди Навроцки да ја повлече одлуката“ за одземање на истото одликување на Зеленски. Тој оцени дека одлуката на полскиот претседател е погрешна и неправедна кон украинскиот народ.
«Якщо ми будемо сваритися через минуле, майбутнє виграє хтось інший. Президенти України та Польщі повинні нарешті це зрозуміти. Поки не стало запізно!».
Це слова прем’єр-міністра Польщі Дональда Туска. «Переможцем у війні за історію та ордени може стати лише Москва», — думка… pic.twitter.com/3rPlnBWiq1
— Петро Порошенко (@poroshenko) June 20, 2026
„Не е случајно што веќе му честиташе Дмитриј Медведев“, изјави Порошенко, мислејќи на заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност.
„Кремљ секогаш аплаудира на сè што го слабее единството меѓу Украина и Полска.“
„Ако се караме околу минатото, некој друг ќе ја освои иднината. Украинскиот претседател конечно мора да го разбере тоа, како и претседателот на Полска“, предупреди Порошенко.
Тој оцени дека потезите поврзани со одликувањата и историските прашања дополнително ги влошиле политичките односи меѓу Киев и Варшава и предупреди дека понатамошната ескалација би можела да им користи на трети страни.
Порошенко додаде дека во Полска има луѓе кои „не се занимаваат со историски митови, туку ја проучуваат историјата и извлекуваат поуки од неа“.
„Минатото не треба да ги одредува полско-украинските односи. Не сакам Полјаците да ги уредуваат нашите учебници, ниту пак тврдам дека ние Украинците треба да ги поправаме полските учебници, затоа што во спротивно заеднички учебник ќе ни испратат од Москва“, рече Порошенко.
Тој нагласи дека стратешкото партнерство меѓу Украина и Полска останува клучно, особено во контекст на војната со Русија и безбедносната соработка, и дека е неопходно да се избегнат натамошни политички судири.






