Во рамки на иницијативата е изработен сеопфатен проектен елаборат кој ги опфаќа научните, техничките, организациските и образовните аспекти на идната опсерваторија, како и моделите за нејзина имплементација и развој.
Идејата за астрономска опсерваторија во Македонија има долга историја која опфаќа повеќе од седум децении научни и институционални обиди. Уште во 1961 година започнала изградба на астрофизичка опсерваторија на Зајчев Рид во Скопје, која била срушена со земјотресот во 1963 година. Во децениите што следуваа, различни универзитетски, научни и граѓански иницијативи ја продолжуваа оваа идеја, но без конечна реализација.
Денес, Република Македонија сè уште останува меѓу ретките европски држави без современа астрономска опсерваторија од национален карактер.
Современата астрономска опсерваторија претставува клучна научно-истражувачка инфраструктура која директно придонесува за развој на науката и високото образование; за унапредување на МИНТ дисциплините (математика, инженерство, наука и технологија); развој на дигитални и инженерски вештини; меѓународна научна соработка и за вклучување на ученици и студенти во практична наука.
Проектот предвидува современа роботизирана и далечински управувана опсерваторија, достапна преку интернет, која ќе овозможи научни истражувања, образовни програми и јавни астрономски активности.
ГНКА изработи детален елаборат кој ги анализира потенцијалните локации, техничките и инфраструктурни решенија, моделите на управување, научно-истражувачките програми, образовните и јавни активности и долгорочен развоен концепт.
Формирана е и дел од работната група за Македонската астрономска опсерваторија со задача за понатамошен развој на проектот, стручни и теренски анализи, за воспоставување соработка со домашни и меѓународни институции, поддршка на јавни и образовни активности.
Во групата можат да се вклучат астрономи, инженери, ИТ експерти, наставници, студенти, ученици, научници и сите граѓани заинтересирани за развој на науката во Македонија.
ГНКА ја повикува научната, академската и пошироката јавност да ја поддржи иницијативата за основање на Македонска астрономска опсерваторија како национален научен капацитет од долгорочно значење.
Поддршка за иницијативата може да се даде преку петицијата.






