Денеска е летниот солстициј – астрономски момент што го означува почетокот на најжешката годишна сезона и долгодневицата, кога денот е најдолг, а ноќта најкратка.
Во Скопје, Сонцето изгреа во 4 часот и 58 минути, а ќе зајде во 20 часот и 13 минути. Денот ќе трае 15 часа и 14 минути.
На првиот ден од летото, синоптичарите најавуваат претпладне сончево и топло време, а во попладневните часови во северозападните делови ќе има услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови повремено засилен северозападен ветер. Максималната дневна температура ќе достиге до 35 степени.
Летото годинава ќе трае до 23 септември во 02 часот и 05 минути, кога ќе настапи есента.






