недела, 21 јуни 2026

Норвешка воведува речиси целосна забрана на вештачката интелигенција во основните училишта

Норвешка воведува речиси целосна забрана за користење алатки со вештачка интелигенција (ВИ) за учениците во основните училишта, а истовремено ја ограничува нивната употреба и во образованието на постарите деца за да се спречи негативното влијание врз учењето, соопшти премиерот на земјата.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Соочена со значителен пад на резултатите на тестирањата, норвешката влада во 2024 година ги забрани паметните телефони во училиштата.

„Користењето на вештачката интелигенција го зголемува ризикот малите деца да прескокнат важни чекори во своето образование“, изјави премиерот Јунас Гар Стере на вчерашната прес-конференција.

„Најважно во училиштето е нашите деца да научат да читаат, пишуваат и сметаат“, рече Стере, додавајќи дека новите стандарди ќе почнат да се применуваат од новата учебна година, која започнува кон крајот на август.

Учениците од прво до седмо одделение, на возраст од 6 до 13 години, по правило не би требало да користат вештачка интелигенција, додека учениците во пониските класови на средното образование, на возраст од 14 до 16 години, ќе можат внимателно да ги користат овие алатки под надзор на наставниците, соопшти владата.

Во повисокото средно образование, од 17 до 19 години, учениците ќе треба да научат правилно да ја користат вештачката интелигенција за да бидат подготвени за понатамошно образование и работа.

Норвешка започна со воведување компјутери во училниците во 1990-тите години, а таблети од 2010 година наваму, со што се намали зависноста од учебници и рачно пишување.

Сепак, менувајќи го овој тренд, владата соопшти дека ќе предложи законски решенија за финансирање на поголема употреба на книги во наставата.

Норвешката влада во април исто така најави планови за забрана на користење социјални мрежи за лица помлади од 16 години, следејќи го трендот што го започнаа Австралија и неколку други земји со цел да се намали користењето електронски уреди меѓу младите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ