сабота, 20 јуни 2026

Трамп го претстави авионот што му го подари Катар: „Нема да верувате колку е квалитетен“ (ВИДЕО)

Американскиот претседател Доналд Трамп го претстави новиот авион Боинг 747-8 кој ќе служи како Ер Форс Уан. Станува збор за авион што владата на Катар минатата година им го донираше на Соединетите Американски Држави како, како што беше наведено, „безусловен“ подарок.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Американската војска ги заврши модификациите на луксузниот авион, чија вредност се проценува на околу 400 милиони долари.

„Овој авион е претворен во летечка Бела куќа на ниво на луксуз какво што досега никој не видел“, изјави Трамп за време на говорот во воената база Џоинт Бејс Ендрус.

Американското воено воздухопловство соопшти дека авионот сега ќе ги започне почетните тест-летови, кои ги опиша како „завршен испит“ за проверка на сите извршени модификации, пред да биде ставен во служба за претседателски превоз.

Според соопштението на воздухопловните сили, измените вклучуваат унапредување на безбедносните системи, комуникациите за извршување мисии, логистичката поддршка и напредните технологии. Додадено е и дека се отстранети сите потенцијални безбедносни ризици поврзани со фактот што авионот претходно бил во сопственост на друга држава.

Внатрешноста на авионот претрпела само помали промени, додека надворешниот дел е обоен во црвена, бела, сина и златна боја. Кралското семејство на Катар во мај 2025 година го донираше луксузниот Боинг 747-8 на американското Министерство за одбрана за да стане дел од флотата позната како Ер Форс Уан, која служи за превоз на претседателот на САД.

Откако минатата година беше објавено дека Катар го подарува авионот, следуваа критики и од демократите и од републиканците, вклучувајќи и некои сојузници на Трамп. Критичарите тврдеа дека прифаќањето подарок со толкава вредност претставува судир на интереси и дека би можело да биде спротивно на американскиот Устав.

Иако федералните прописи предвидуваат американските функционери да можат да примаат подароци во вредност до 480 долари, Белата куќа инсистира дека прифаќањето на авионот е законско и најави дека по завршувањето на мандатот на Трамп тој ќе биде предаден на неговата претседателска библиотека.

„Кога ќе го видите квалитетот на изработката на овој авион, нема да им верувате на сопствените очи. Квалитетот на дрвото, квалитетот на материјалите, квалитетот на моторите, тие мотори се најдобрите во светот. Не постои ништо слично. Навистина е голема чест да се има ваков авион. Сакам да му се заблагодарам на катарскиот емир“, порача Трамп.

Пред пристигнувањето на катарскиот авион, флотата Ер Форс Уан ја сочинуваа два авиона од типот 747-200Б кои се во употреба уште од 1990 година.

Според директорот за комуникации на Белата куќа, Стивен Чеунг, изгледа дека еден од тие постари авиони сега е повлечен од употреба.

„Браво, добар и верен слуго“, напиша Чеунг на социјалната мрежа Икс покрај фотографија од стариот авион, додавајќи: „Последен лет.“

Американското воено воздухопловство наведе дека новиот Боинг 747-8 ќе служи како привремено претседателско превозно средство сè додека компанијата Боинг не ги испорача двата долго најавувани авиони ВЦ-25Б, предвидени за долгорочна употреба во рамките на флотата Ер Форс Уан. Нивната испорака повеќепати беше одложувана поради значителни доцнења во производството.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ