четврток, 18 јуни 2026

БитФест со 70 културни настани, фестивали, претстави…почнува со мјузиклот „Као, какао“

Битолското културно лето годинава ќе биде исполнето со 70 културни настани кои ќе бидат изведени на различни локации во градот, почнува утревечер со македонскиот мјузикл „Као, какао“ и ќе заврши со јубилеен концерт на групата „Фолтин“.

Фото: МИА

Објавено на

часот

Сподели

На прес-конференција во битолскиот Офицерски дом, директорот на КИЦ Битола, Димитар Михајловски истакна дека 18-то издание на БитФест содржи 70 културни проекти.

„На јавниот повик се пријавија 140 апликанти, а стручна комисија избра 70 културни проекти со кои достојно ќе се презентира културата во нашиот град. Основната цел е да понудиме програма што ќе им се допадне на граѓаните. Во периодот од 19 јуни до 29 август ќе се реализираат 20 проекти од драмска дејност, 6 изложби, 40 манифестации од музичко-сценска дејност, две фолклорни манифестации, а составен дел на БитФест ќе бидат традиционалниот фестивал Илинденски денови, Битолино и Локум фест“, истакна Михајловски.

На годинaшното битолско културно лето ќе настапат и националните ансамбли „Танец“ од Македонија и „Ладо“ од Хрватска, а концерт ќе одржи и Симон Трпчески.

„Задоволен сум од селекцијата и избраните содржини, особено што за прв пат се јавуваме како директни организатори на „БитФест“. Мотив за плакатот на годинешниот фестивал е муралот „Битола, бабам Битола“ на авторот Борко Лазески кој долги години ја краси големата шалтер сала на битолската Пошта. Во рамки на фестивалот на почетокот од месец август ќе организираме посебно издание на културен настан посветено на чалгиите и со цел заживување на старата битолска чаршија“, нагласи Михајловски.

Битолското културно лето ќе се реализира во Офицерски дом, старата битолска чаршија, битолскиот Центар за култура, Хераклеја и други локации во Битола, беше истакнато на денешната прес конференција организирана од Културно информативниот центар.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ