Почитувани граѓани и граѓанки на Македонија,
Во понеделникот на 15 јуни оваа 2026 година, во Велес во организација на манифестацијата „Рацинови денови“ се одржа свечена церемонија како дел од чествувањата на Коста Солев, и по повод на доделувањето на овогодишното признание за роман на годината. Не бев во можност да присуствувам на свеченоста и лично да го споделам моето обраќање по повод признанието на мојот роман „Коста Солев – Смртопис“, со присутните гости таму, а и со пошироката јавност.
Моето обраќање по наслов „Што би рекол, што би направил Коста денес“, беше навреме пратено до организаторот на манифестација во видео формат, со искрена надеж дека ќе се прикаже на свечената вечер и дека ќе се слушне и мојот глас таму.
Вчера на 16 јуни, на денот нa смртта нa вистинската муза на Коста Солев, новинарката Невенка Вујиќ, преку доста опширна информација за настанот во Велес, објавена во неколку гласила како Сдк.мк и Независен.мк, разбрав дека, „Добитник на Рациновото признание за 2026 е театрологот и театарски режисер Наум Пановски со делото „Коста Солев – смртопис“… Бидејќи не e во земјава, признанието дополнително ќе му биде врачено. Паричниот дел од наградата Пановски одлучил да го донира на граѓанското здружение „Искон“.
Оваа изјава на организаторот не само што не е точна, туку е дрска манипулација на македонската јавност.
Во своето обраќање кое им е познато на организаторите, јас не се согласив, одбив да ја примам наградата. Сето тоа е јасно кажано и прецизно артикулирано во моето обраќање. Таму е објаснето и кои се моите принципиелни причини за таа моја одлука.
Исто така предложив паричниот дел од наградата да биде дониран на хуманитарната организација „Пркос“, а не на некој за мене непознат ентитет „Искон“
Според сите достапни информации моето видео обраќање НЕ БИЛО ПРИКАЖАНО за време на свечената церемонија во Велес.
Тој непромислен чин го сметам за цензура и кршење на моето уставно право на слободен говор.
До сега немам никаква официјална информација од организаторот, ниту пак какво било објаснување зошто моето обраќање не било прикажано вечерта и зошто насилно бил оневозможен мојот глас.
Моето обраќање можете да го прочитате тука, а ако сакате да го погледате во целост можете тоа да го сторите на приложениот линк.
Ви благодарам на вниманието,
Наум Пановски.






