Резултатите покажуваат дека вештачката интелигенција ја нарушува способноста на луѓето да разликуваат реалност од илузија, барем во онлајн средина.
„Дури 88 проценти од испитаниците рекле дека е сè потешко да се направи разлика која содржина на интернет е оригинално создадена од човек или е вистинска, а која не е“, според анкета спроведена од компанијата за сајбер безбедност Малвербајтс.
Речиси истиот процент испитаници изјавиле дека им е „тешко да ги разликуваат измамите од автентичната содржина“.
Тоа претставува значителен пораст во однос на минатата година, кога истото го изјавиле 66 проценти од испитаниците, наведува Малвербајтс.
Секој четврти учесник во анкетата изјавил дека во последните 12 месеци примил „персонализирана“ порака наменета за измама.
„Измамниците користат вештачка интелигенција за злоупотреба на личните податоци и односите на доверба, што доведува до сѐ поизразен страв од кражба на идентитет“, соопшти компанијата, објаснувајќи дека употребата на чет-ботови ја замаглува „границата меѓу вистинското и лажното“.
Бидејќи вештачката интелигенција сè повеќе се користи на штета на луѓето, корисниците стануваат повнимателни во врска со споделувањето содржини на интернет, што би можело да претставува проблем за големите социјални мрежи. Нивните бизнис модели се базираат на тоа корисниците да споделуваат податоци, а огласувачите да ги купуваат тие информации.
„Повеќе од три од пет лица реагираат со повлекување — помалку ги користат социјалните мрежи, бришат стара содржина и поретко објавуваат информации за себе и за своите деца“, наведува компанијата во својот извештај.






