четврток, 18 јуни 2026

„Секогаш во изградба“ – изложба на Самандова и Пелтроу

Изложбата „Секогаш во изградба“ на уметниците Ивана Самандова и Исмаел Пелтроу вечерва ќе биде отворена во изложбениот салон „Империјал 2“ во Културно-информативниот центар во Скопје, во рамки на програмата „CreArt – Уметник во престој“.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информираат организаторите, изложбата претставува заеднички уметнички проект на Пелтроу од Клермон-Феранд, Франција, и Самандова од Скопје, кои преку видео, објекти и скулптури ја истражуваат урбаната и културната слоевитост на главниот град.

Во поставката, Скопје е претставен како „жив организам што чува траги од секоја љубов, очекување, мисла и градба“, низ уметнички интерпретации на различни архитектонски периоди – од калдрмата и старите патеки до бруталистичките и модернистички фасади и неокласичните слоеви, како и празнините што се појавуваат меѓу нив.

Изложбата ги поврзува индивидуалните уметнички позиции на авторите, при што еден поглед доаѓа од позиција на жител, а другиот од уметник-посетител. Преку оваа перспектива се отвора прашањето за постојаната трансформација на градот, неговата недовршеност и новите можности за читање на урбаниот простор.

Според најавата, концептот се базира на идејата за „талкање“ како уметничка и етичка пракса, која овозможува ново разбирање на односот меѓу архитектурата, секојдневието и очекувањата.

Изложбата „Секогаш во изградба“ се реализира во рамки на Европскиот проект „CreArt – Уметник во престој“, кој по седми пат се одржува во КИЦ – Скопје, со поддршка од Град Скопје и Европската комисија.

Ивана Самандова (1997, Скопје) е интердисциплинарна уметница која во својата работа ги истражува социо-политичките контексти и динамиките на моќ преку нови медиуми и инсталации. Таа има реализирано повеќе самостојни и групни изложби и е добитничка на наградата „Борко Лазески“.

Исмаел Пелтроу е француски уметник чија практика се движи помеѓу видео, перформанс, инсталација и скулптура. Учествувал на бројни меѓународни резиденции и изложби, и е ко-основач на програмата „WorkParty“ за поддршка на видео уметници.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ