Вистински бисер меѓу југословенските автомобили се појави на британскиот пазар, привлекувајќи го вниманието на колекционерите и ентузијастите за класични автомобили.
Станува збор за модел „Југо 45А“ од 1989 година, кој за речиси четири децении поминал само 16.923 милји, што е околу 27.200 километри.
Автомобилот е испорачан нов во Велика Британија на 1 август 1989 година, а благодарение на внимателните сопственици е зачуван речиси во фабричка состојба.
Фабричка состојба: Каросерија, ентериер и оригинални налепници
Каросеријата во оригиналната боја „Кан сина“ нема траги од корозија или сериозни поправки, што е доказ за исклучителна грижа.
Дури и оригиналните налепници, регистарските таблички на продавачот и фабричките стакла останале зачувани, како што се наведува во огласот. Внатрешноста на возилото е исто така импресивна – седиштата, украсните елементи и контролната табла покажуваат минимални знаци на абење.
Во автомобилот сè уште се наоѓа оригиналниот Филипс радио-касетофон, како и комплет фабрички алат, што дополнително придонесува за неговата автентичност.
Под хаубата се наоѓа познатиот четирицилиндричен мотор од 903 кубика со 45 коњски сили, поврзан со четиристепен мануелен менувач. Моторниот простор останал речиси недопрен, со зачувани фабрички ознаки, па дури и налепница „Произведено во Југославија“.
Особена вредност на овој примерок му дава неговата богата документација, која вклучува историја на сервисирање, брошури, фабрички прирачници и оригинални документи од периодот кога Југо се продавало на британскиот пазар.
Вака зачувано Југо денес претставува вистинска реткост и сигурно привлекува внимание на љубителите на класични возила на секој автомобилски собир.
Затоа не е необично што британската куќа специјализирана за продажба на класични возила, „КГФ Класик Карс“, го понуди на продажба за 8.995 фунти, што е приближно 10.500 евра.
Оваа цена ја одразува неговата извонредна зачуваност, малата километража и статусот на колекционерски примерок.






