Младите во Европската унија многу пооптимистички гледаат на влијанието на социјалните мрежи отколку нивните родители, покажа ново истражување нарачано од Европската комисија.
Според резултатите од анкетата, 48 проценти од испитаниците на возраст од 13 до 18 години веруваат дека социјалните мрежи имаат позитивно влијание врз нивното ментално здравје, додека само 21 процент од родителите го делат истото мислење. Од друга страна, само 18 проценти од младите веруваат дека социјалните мрежи имаат негативно влијание, додека дури 36 проценти од родителите мислат така.
Истражувањето покажа и дека адолесцентите поминуваат повеќе време пред екраните отколку што нивните родители проценуваат.
Младите изјавиле дека во текот на училишните денови користат телефони, таблети или гледаат телевизија во просек околу 4,5 часа на ден, додека за време на викендите тој број се зголемува на повеќе од шест часа.
Научниците забележале поврзаност помеѓу подолгото време поминато пред екран и почестите тегоби како што се главоболки, проблеми со спиењето и тешкотии во концентрацијата. Сепак, тие нагласуваат дека резултатите не докажуваат дека социјалните мрежи директно предизвикуваат проблеми со менталното здравје, туку дека младите луѓе кои веќе имаат одредени тешкотии честопати поминуваат повеќе време онлајн.






