среда, 17 јуни 2026

Роберт Де Ниро: Да ја сакаш Америка е како кога злоставуван сопружник вели дека го сака својот злоставувач

Холивудскиот актер Роберт де Ниро повторно остро го нападна американскиот претседател Доналд Трамп, тврдејќи дека САД повеќе не се земја што тој може да ја сака додека претседателот е на власт.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

82-годишниот актер ги даде коментарите за време на настанот „Подигни се, запеј“ во Градското собрание на Њујорк. Зборувајќи пред публиката, Де Ниро ја спореди љубовта кон Америка под водство на Трамп со насилна врска.

„Нашата земја во моментов не е толку вредна за љубов. Не сакам да го кажам ова, но да ја сакаш нашата земја почнува да звучи како кога злоставуван сопружник вели дека го сака својот злоставувач“, рече тој.

Потоа актерот почна да ја критикува администрацијата на Трамп, осудувајќи ја американската надворешна политика, спроведувањето на имиграциските закони и реформите во здравствениот систем.

„Не можам да сакам земја што започнува глупави и нехумани војни. Не можам да сакам земја што им го одзема здравственото осигурување на милиони луѓе и тие пари ги користи за да ги збогати своите пријатели од кругот на Трамп и Епстин. Не можам да сакам земја што испраќа маскирани полицајци да пукаат врз граѓани на улиците, да ги малтретираат нашите соседи и да ги разделуваат семејствата“, изјави тој.

Де Ниро ги упати своите најостри критики кон самиот претседател, нарекувајќи го Трамп расистички, мизогини и ксенофобичен тиранин.

„Дозволете ми да кажам само едно. Не можам да сакам земја што ја води Доналд Трамп“, додаде тој.

Неговите коментари предизвикаа долг и гласен аплауз од присутните, поради што актерот накратко запре пред да го продолжи говорот.

Сепак, Де Ниро нагласи дека неговата фрустрација произлегува од неговата приврзаност кон САД, а не од отфрлање.

„Секако, поголемиот дел од својот живот ја сакав оваа земја. Соединетите Американски Држави ги пречекаа моите предци имигранти. Мене, на моето семејство и на моите сограѓани ни овозможија толку многу можности и извонредни слободи. Сакам повторно да ја сакам својата земја. Ja сакам мојата земја назад“, порача тој.

На настанот присуствуваа и голем број познати холивудски ѕвезди, меѓу кои Џејн Фонда и Џулија Робертс. Џулија Робертс ги повика присутните да не се исклучуваат од политиката и покрај исцрпувачкиот циклус на вести.

„Сите чувствуваме дека не можеме да ги вклучиме вестите, не сакаме да ги слушнеме, но мора да ги слушнеме, мора да се соочиме со нив“, рече Робертс.

Говорот на Де Ниро е еден од најновите судири меѓу него и Трамп. Актерот со години е еден од најгласните критичари на претседателот меѓу познатите личности, честопати користејќи интервјуа, доделување награди и политички настани за да го осуди неговото лидерство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ