Во текот на 2024 година, камената пирамида во Мексико подлегна на сè похаотичната глобална клима. Ноќта на 29 јули, квадратниот споменик висок 15 метри, кој се наоѓа во државата Мичоакан, одеднаш попушти под притисокот на непрестајниот дожд, а неговиот јужен ѕид се урна во куп урнатини.
Пирамидата некогаш била еден од најдобро зачуваните споменици на цивилизацијата на кралството Мичоакан. Се наоѓа во Ихуацио, исклучително добро зачуван археолошки локалитет кој содржи уште една пирамида, кула или тврдина, како и неколку гробници.
Локалитетот првпат бил населен пред 1.100 години од домородни групи кои го зборувале јазикот нахуатл. Подоцна станал седиште на народот Пурепеча, единствената империја што Ацтеките не успеале да ја освојат. Оваа култура опстојува и денес.
Само една од пирамидите на локалитетот била оштетена, но вработените во Националниот институт за антропологија и историја (ИНАХ) на Мексико изјавиле дека најмалку шест од нејзините скалести нивоа се во лоша состојба, вклучувајќи ги надворешниот ѕид, јадрото и потпорниот ѕид, пренесува „Сајенс алерт“.
Тие за ова ги обвинија екстремните временски услови што му претходеа на настанот.
Во јули 2024 година, во екот на летото на северната хемисфера, обилни дождови и грмотевици го погодија поголемиот дел од Мексико. На ова му претходеше најлошата суша во земјата во последните 30 години, кога врнежите од дожд беа толку ретки што неколку езера целосно пресушија.
„Високите температури претходно регистрирани во областа и сушата што произлезе од тоа предизвикаа пукнатини што дозволија водата да навлезе во внатрешноста на предхиспанската структура“, се вели во соопштението на ИНАХ.
Од тој момент, уривањето стана речиси неизбежно. Службените лица сега се фокусирани на реставрација на структурата на објектот во корист на културното наследство на Мексиканците.
Работата на археолозите е да го проучуваат човековото однесување од минатото, но нивната работа неизбежно страда од последиците од денешните човечки активности.
‘Bad Omen’: An Ancient Pyramid in Mexico Collapsed Into A Heap of Rubble https://t.co/Ai8hHcXWKZ pic.twitter.com/Ndl3JBsOpj
— ScienceAlert (@ScienceAlert) June 15, 2026
Екстремните временски услови и покачувањето на нивото на морето, предизвикани од климатските промени поради човечкото делување, се покажуваат како сериозен проблем за значајни наоѓалишта на древни култури.
Неодамна, археолозите открија дека древните пештерски слики во Океанија се влошуваат поради забрзаните климатски промени.
Уште минатата година, студија за градежни материјали на културното наследство во Европа и Мексико покажа дека значително зголемување на врнежите ги доведува овие градби во ризик од оштетување.
Според Таријакури Алварез, кој се идентификува како жив член на племето Пурепеча, неговите предци го протолкувале уривањето на пирамидата во Ихуацио како лош знак.
Во објава на Фејсбук, Алварез изјавил дека пред доаѓањето на странските освојувачи во Мексико, се случило нешто слично и дека причината била тоа што боговите биле незадоволни.
Само неколку дена пред уривањето на пирамидата во Мексико се урна и познатиот Двоен лак во Јута, веројатно поради промени во нивото на водата и ерозија.
Ваквите места на културното наследство се непроценливи и луѓето сакаат да ги зачуваат за идните генерации. А гледањето како се уриваат поради климата што драстично ја променивме преку нашето сопствено однесување е доста тешко.






