По последните секунди од 5-тиот натпревар во Сан Антонио со кој Никси ја комплетираа победата од 4-1 над тимот од Тексас, реакцијата во Њујорк се претвори во чиста колективна екстаза. Генерации фрустрации, скршени срца, драфт катастрофи, погрешни одлуки, плејоф порази и безброј шеги на сметка на навивачите на Никс, испарија во една вечер. Њујорк Никербокерс, за прв пат од 1973 година, повторно го држат шампионскиот пехар во рацете.
Во само неколку минути, Њујорк стана море од сина и портокалова боја. Илјадници навивачи се истурија по улиците на Менхетен, Бруклин, Квинс, Бронкс и Стејтен Ајленд. Околу Медисон Сквер Гарден навивачите се качуваа на семафори, танцуваа на возила, мавтаа со знамиња од прозорците и прегрнуваа туристи како да се најблиска фамилија. Во тие часови никому не му паѓа на памет никого да прашува за кого гласал, од кој дел од светот дошол, која раса е, што работи… Њујорк Никс се шампиони и тоа беше апсолутно доволно за секого и за сите.
Магнитудата на нивната радост тешко може да се објасни некому што не бил на натпревар на Њујорк Никси во МСГ. Таква посветеност кон еден клуб ретко се наоѓа на било кој меридијан и во било кој спорт. За разлика од европските, или попрецизно балканските навивачи, со нивните воинствени прекари и омраза кон противничкиот тим и навивачи, омраза кон газдите и менаџментот кога се губи, закани кон судиите кога не оди, фановите на Њујорк Никс искрено се соживеани со клубот и заедно минуваат низ сите разочарувања и успеси. Иако цели генерации актуелни навивачи на Никси никогаш не биле сведоци на шампионска прослава. Претходната титула беше освоена уште кога Ричард Никсон беше претседател и кога просечната цена на куќа во Америка беше под 40.000 долари. Оттогаш се сменија седум претседатели, а просечната цена на куќа стигна до 510.000 долари. Најголем дел од навивачите не биле ни родени кога Вилис Рид во 1973-та го крена шампионскиот пехар.
Затоа градските власти со најголема серизоност веднаш почнаа да се подготвуваат за толку посакуваната шампионска парада за која се очекува да биде најголемата спортска прослава во историјата на Њујорк. Градоначалникот Зохран Мамдани, на „Х“ кратко најави: „Парада. Четврток. Менхетен.“ Таа ќе мине низ легендарниот „Кањон на хероите“ долг приближно една миља низ Финансискиот кварт на Даунтаун, почнувајќи од Батери Парк, сѐ до Градското собрание. Името на овој дел од булеварот Бродвеј доаѓа од високите облакодери што се протегаат од двете страни на улицата и кои создаваат ефект на „кањон“ што го заробува и го засилува звукот и го згуснува дождот од конфети што се фрлаат од прозорците на околните канцеларии. Последен пат ваква парада се случи 2024-та кога Њујорк Либерти, женскиот НБА тим, ја освои титулата. Интересно, и покрај освојувањето на шампионските титули во 1970 и 1973 година, Никси никогаш немале шампионска парада. Годинашната прослава ќе биде првата официјална во историјата на клубот.

Корените на овој успех се наоѓаат во шокантниот летен преоден рок 2025 година, кога претседателот на тимот, Леон Роуз, донесе одлука да го отпушти Том Тибодо само неколку дена откако стигна до првото учество во финалето на Источната конференција по цели 25 години. Тогаш буквално сите реагираа со неверување. Тибодо ги воскресна Никси од нивниот статус на предмет за потсмев и ги претвори во сериозен плејоф тим. Но, Роуз и менаџментот, за разлика од сите други, видоа дека тоа остварување со тој тренер е плафон. За нив Њујорк не смее да биде само само респектабилен плејоф тим. Нивна цел беше шампионскиот трофеј со нов тренер што ќе ги одведе до таму. Изборот падна на Мајк Браун кој беше отпуштен од Сакраменто иако го одведе тимот во плејоф по 17 години пост и беше прогласен за тренер на годината. Браун пристигна во Њујорк со огромен притисок на докажување дека неговиот систем на жестока одбрана може да оди и чекор понатаму. Она што Браун го постигна во својата прва сезона беше апсолутно тренерско мајсторство. Под негово водство, Никси усовршија избалансиран офанзивен систем кој беше најефикасен во лигата со 120 ппн на 100 остварени напади, истовремено одржувајќи се на 7-то место меѓу најдобрите дефанзивни тимови.
Најважно од сè, Браун направи беспрекорен баланс на оптоварување на играчите и се погрижи тимот да пристигне во плејофот свеж и мотивиран. Игрите во плејофот пак покажаа што значи вистинска хемија меѓу играчите. Со блокбастер аквизицијата на Карл-Ентони Таунс се засили вербата на играчите дека сега се покриени сите позиции на еден тим со шампионски амбиции. Таунс, со прецизниот шут од далечна ги отвори одбраните и им создаде простор на соиграчите, пре сѐ на Брансон, за влезови и шут од полудистанца. Покрај Таунс, феноменалниот Ануноби прерасна во дефанзивен терордактил, притоа шутирајќи со 67,8% прецизност низ целиот плејоф. Но, во центарот на ова кошаркарско ремек-дело е Џејлен Брансон, сега веќе овековечена спортска икона на Њујорк чие наследство влезе во рангот на легендите Волт Фрејзер и Вилис Рид. Беше очигледно дека целиот плејоф го игра подреден на тимот, што секако е заслуга на Браун. Кога фокусот на одбраната беше на него, ги разигруваше Таунс, Бриџис, Шемет, Харт… Во финалето, неговата индивидуална брилијантност секогаш претежнуваше кога беше најгусто. Со серии на кошеви го враќаше тимот во живот, па до победа и на крајот до шампионската титула.

Но повторно, вистинската душа и инспирација на клубот беа навивачите. Во петиот натпревар иљадници спортски аџии во сино-портокалова боја го нападнаа домаќинот. Окулу 10.000 фанови на Њујорк беа присутни на последниот натпревар во Сан Антонио. Тоа е 54% од вкупниот капацитет на Фрост Бенк Центар. Во последните минути од натпреварот, во неподнослива тензија, ечеше „Go Nicks Go” претворајќи ја арената во де факто домашен терен за гостинските играчи. Њујорк, пак, беше сведок на библиски сцени. Седмата авенија пред Медисон сквер гарден беше бучно море од луѓе, затворена за сообраќај, со десетици илјади навивачи со погледи фокусирани во гигантските екрани. Со последниот звук на сирената, плоштадите во Бруклин, рестораните во Бронкс, кафулињата во Квинс и целиот Менхетен експлодираа како потсетник дека навивањето за Никси не е само хоби, туку наследство од повеќе генерации, сега конечно наградено по цели децении лојалност кон клубот. Статистиката, рекордите, поените, се ќе остане запишано, но она што луѓето ќе го паметат засекогаш е радоста. Навивачите на Њујорк Никс сега ќе имаат свое лично сеќавање на ваква безмерна спортска радост. Педесет и три години живееја со приказни за Вилис Рид, Волт Фрејзер и славните денови од 70-тите. Цели генерации ги наследија тие приказни без никогаш да доживеат своја. Сега, конечно и тие имаат приказна за следните генерации.
Љубомир Николовски











