среда, 17 јуни 2026

Синот на последниот ирански шах: Иранскиот народ ќе го собори овој режим, слободата ќе дојде во Иран

Иранскиот престолонаследник во егзил Реза Пахлави изјави дека не треба да се склучува никаков договор со Иран што би ја оставил Исламската Република на власт, додека Вашингтон се подготвува формално да потпише договор со Техеран за кој американската администрација тврди дека е практично склучен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

По средбата со британските пратеници за време на посетата на Лондон, 65-годишниот Пахлави ја повика меѓународната заедница да ја поддржи опозицијата на Иран, наместо да склучува мир со сегашниот режим. „Преговорите со овој режим ќе завршат со неуспех и сите ние ќе ги сносиме последиците“, рече тој во објава на социјалните мрежи.

„Војната што овој режим ја води против иранскиот народ веќе 47 години сè уште трае. Исто како што никогаш не склучил мир со своите граѓани, така никогаш нема вистински да склучи мир ни со светот“, додаде тој.

Таткото на Пахлави, Мохамед Реза Пахлави, беше последниот ирански шах. Тој избега во егзил во 1979 година, во пресрет на Исламската револуција со која беше соборена монархијата, и почина во егзил кратко потоа.

За некои противници на Исламската Република, иако не за сите, протераниот престолонаследник е инспиративна политичка фигура. Со години, Пахлави се залага за одржување национален референдум за воспоставување нов систем на владеење во Иран. Во исто време, тој останува контроверзна фигура, бидејќи критичарите го обвинуваат дека не се дистанцирал доволно јасно од авторитарното владеење на својот татко.

На 28 февруари, Американците и Израелците го нападнаа Иран, убивајќи го врховниот лидер Али Хамнеи. Настанот го втурна Блискиот Исток во нов конфликт и накратко ги разбуди надежите кај иранската опозиција дека режимот може да падне.

Вашингтон и Техеран треба да потпишат договор во петок, со цел е да се стави крај на конфликтот и да се отвори патот за преговори за трајно решение. Се очекува договорот да го остави сегашниот режим на власт и да доведе до ублажување на некои економски санкции.

„Секој договор што го зачувува овој режим или неговите остатоци ќе биде осуден на пропаст. Иранскиот народ нема да го прифати. Со или без меѓународна поддршка, иранскиот народ ќе го собори овој режим. Слободата ќе дојде во Иран“, заклучи тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ