среда, 17 јуни 2026

МЕД со акција за заштита на модровраната, граѓаните може да донираат за куќарки

Во тек е акцијата на Македонското еколошко друштво (МЕД) за зајакнување на популацијата на модровраната преку изработка и поставување куќарки за гнездење, со цел да се обезбеди сигурен дом за оваа заштитена и сè поретка птица.

Објавено на

часот

Сподели

Од МЕД апелираат граѓаните да ја поддржат кампањата со симболична донација, со која ќе се овозможи изработка и поставување на нови гнездилишта.

Според податоците на друштвото, модровраната некогаш била широко распространета низ котлините во Македонија, но денес се среќава само во Овче Поле, Скопската котлина и долж Повардарието до Демир Капија. Губењето на старите дрвја и природните дупки за гнездење значително ги ограничува можностите за нејзино размножување.

Од МЕД посочуваат дека теренските истражувања покажале оти птиците сè потешко наоѓаат соодветни места за гнездење, поради што минатата година биле поставени првите куќарки кои веќе се користат како нивни домови.

„Со поставувањето на куќарките успеавме да обезбедиме нови места за гнездење и да ја потврдиме нивната корист. За да поставиме уште повеќе и да ја зголемиме бројноста на модровраната, потребна ни е поддршка од граѓаните“, наведува проектниот координатор во МЕД, Славе Накев.

Модровраната е средноголема преселна птица, препознатлива по синото перје со карактеристични портокалово-кафеави и темни нијанси на крилјата. Се размножува во топли и суви предели со малку дрвја и секоја година може да помине илјадници километри на патот кон Африка.

Освен што е впечатлива по изглед, модровраната има и важна еколошка улога бидејќи се храни со големи инсекти и мали глодари, со што природно помага во контрола на штетниците. Поради тоа, нејзиното присуство се смета за показател за здрави земјоделски предели.

Акцијата за донации ќе трае до крајот на јуни, а изработката и поставувањето на куќарките ќе се спроведе во текот на летниот период.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ