среда, 17 јуни 2026

Левица со критики: Центрите за социјална работа создаваат административен хаос

Последниот ревизорски извештај за работењето на центрите за социјална работа покажува дека најранливите категории граѓани се жртви на нефункционалноста и некоординираноста на институциите, соопшти Левица.

Објавено на

часот

Сподели

Од партијата наведуваат дека наместо институциите да им служат на граѓаните, тие ги претвораат во лица што мора да талкаат од институција до институција за да ги остварат своите законски права.

Како пример се посочуваат родителите на деца со попреченост, каде ревизијата утврдила дека правилниците не се усогласени со барањата што ги издаваат центрите за социјална работа. Според наодите, центрите барале документи кои требало да ги обезбедат по службена должност, со што граѓаните се изложувале на дополнителни трошоци, губење време и административни пречки, поради што дел од нив се откажувале од своите права.

Истите несогласувања меѓу правилниците и барањата се констатирани и кај додатоците за домување, правото на инвалиднина и правото на социјална сигурност за стари лица.

Во извештајот се посочува и дека поради недостиг на размена на податоци меѓу институциите, државни средства завршувале кај лица кои не ги исполнуваат условите. Така, поради недостиг на податоци со Министерството за внатрешни работи, гарантирана минимална помош примале лица кои поседувале возило, иако не ги исполнувале условите.

Исто така, поради недостиг на размена на податоци со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, 190 корисници на гарантирана минимална помош истовремено примале и пензија, при што, според наодите, се исплатени 10,7 милиони денари државни средства без основ.

Ревизијата укажува и на нееднакво постапување на центрите за социјална работа, што создало нерамномерен третман на граѓаните. Додека едни непречено ги користеле правата, други останувале без нив поради доцнење на лекарски комисии, неусогласени правилници и различно толкување на законите.

Најчесто ваквите случаи се поврзани со издавање на конзилијарни мислења кои траат со месеци, при што во меѓувреме доаѓа до прекин на користењето на веќе стекнатите права.

Од Левица оценуваат дека извештајот покажува „раштиман систем“ во кој голем дел од средствата се исплаќаат на лица кои не ги исполнуваат условите, додека граѓаните се принудени да поминуваат низ сложени бирократски процедури, поради кои често се откажуваат од остварување на своите права, што дополнително ја отежнува нивната социјална состојба.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ