Иванов признанието го доби за текстот „Глаголицата како парабола за денешното сеопфатно општество: Отворена изложбата ‘Глаголички откровенија’ на Томе Даневски во КИЦ – Скопје“.
Во изјава по доделувањето на наградата, тој истакна дека признанието претставува поттик за натамошна работа и посветеност во известувањето за лицата со попреченост и за прашањата што ги засегаат „невидливите“ во општеството.
– Ова признание ми е поттик за со уште поголема посветеност да пишувам за мојата заедница – лицата со попреченост. Сакам да ѝ се заблагодарам на Македонската информативна агенција – МИА. Им благодарам на главната уредничка Пандорка Арсовска-Гацова и директорот Дарко Јаневски кои го одобрија и објавија наградениот прилог, како и за сите написи кои ние како МИА сме ги објавиле досега. Фала и до Елизабета и Љубиша за сликите што го докомплетираа прилогот. Благодарам, ми значи оваа награда!, изјави Иванов.
Покрај Иванов, годинава награди добија и Бојан Шашевски, Ирина Крстевска, Лени Фрчкоска и Марта Стевковска, Љубица Иванова, Магдалена Стојмановиќ-Константинов, Михаил Милошевски и Сунчица Стојановска Зоксимовска, за прилози што третираат теми поврзани со дискриминација, сиромаштија, здравство и социјални предизвици.
Во рамки на настанот се одржа и панел-дискусија на тема „Медиумите и сиромаштијата – Гласно против тишината“, како исклучителна шанса за вмрежување, запознавање со практиките на колегите новинари од осум европски земји и заеднички крик против социјалната тишина во Македонија и во Европа.
Минатата година, Слободан Иванов доби „Гласник на невидливите“ за текстот „Пристап до објекти, образование и вработување – најчести предизвици за лицата со попреченост“.






