Христина Палчевска, судски администратор во Основниот граѓански суд – Скопје рече дека таа како член на работната група јас се оградувам од предлог-законот за судиска служба.
„Ваквиот предлог-закон не е реформски, не е применлив и не ја унапредува положбата на судската служба. Првата забелешка е начинот на регулирање на статусот за судските службеници. Предлог-законот не само што ги дефинира судските службеници како административни службеници, туку оди и чекор понатаму, па ги дели на судски службеници и државни службеници. Ваквото решение е несреќно затоа што одредбите за административни службеници во судовите се неприменливи, тоа ни го покажала праксата“, рече Христина Палчевска.
Палчевска кажа и дека новото законско решение за пресметките за плата предвидува и укинување на додатоците на плата за висок ризик и доверливост. При штрајк пак, на судските службеници ќе им се исплаќа 60 отсто од претходно исплатената плата.
„Со напуштањето на концептот на пресметка на плата врз основа на просечната бруто плата во државата и коефициентот на сложеност на работните места не се вреднува правилно и правично трудот на вработени во судската служба, ниту пак се подобрува нивната положба. Платите на вработените во судовите кои вршат помошно-технички работи се регулираат со општа одредба наспроти одредбата во работната група која имаше јасно истакнати критериуми, вклучувајќи ги коефициентите на сложеност на работните задачи кои ги извршуваат“, реагираше Палчевска.
Претставниците од судската служба оценија дека овој предлог закон е многу понеповолен од претходно и дека тој воопшто не е реформски.
„За жал наместо денеска да расправаме за предлог амандмани и да го усовршиме законот ние својата енергија ја трошиме на три битни фактори. Тоа е сите да сме судска служба, достоинствено да имаме просечна плата по коефициент затоа што сме едно од трите власти во државата и да ги имаме додатоците кои ги заслужуваме“, рече Дијана Георгиевска.
Претседател на УПОЗ, Трпе Деаноски смета дека предлог-законите за судска служба и за јавнообвинителска служба, изгледаат како некој да го земал законот за административни службеници, судска служба и јавнообвинителска служба и го ставил во чет џи пи ти и излегол овој предлог-текст на закон.
Рената Георгиевска, синдикален претставник на вработените од Кривичниот суд Скопје рече дека овој предлог-закон значи враќање 20 години назад.
„Тоа значи дека од вкупно 1.800 службеници вработени во судовите, 1.500 ќе бидат во Законот за административни службеници и во Законот за јавна администрација, за каде и натаму ќе се бара мислење од министерствата, а само за 300 ќе важи овој, што треба да биде реформски закон. Ова е 5:1 сооднос. Пет спрема еден е мешањето на извршната власт во судската власт. Барам предлогот да се повлече во целост”, кажа Георгиевска.
Според заменик министерот за правда, Ален Дербан, со носењето на законот за судска и јавнообвинителска служба во 2015 година, превидено е дека вработените во судовите и обвинителствата имаат статус административни службеници, а за платите вели дека било потребно усогласување по добиените негативни мислења од министерството за финансии и од министерството за јавна администрација.
„Брзината поради која беше доставен во Собрание овој закон е реформската агенда, односно крајниот рок, за донесување на овој закон. Слушнав многу критики, забелешки, дел од нив се и прифатливи, токму оваа јавна расправа ќе помогне да бидат преточени во амандмани.“
Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, ќе го искористи крајниот рок кој Деловникот го дозволува, односно второто читање ќе се реализира во понеделник. Дотогаш, според Љупчо Пренџов, претседател на Комисијата, ќе се направат консултации во поглед на она што може да биде прифатливо и ставено во рамки на законот.






