На дискусијата учествуваа министри од земјите кандидатки и потенцијалните кандидатки за членство во Европската Унија, при што беа разгледани можностите за продлабочување на соработката во рамките на Европскиот штит за демократија, како и придобивките од заедничките активности за зајакнување на демократската отпорност.
Во фокусот на разговорите беа прашањата поврзани со заштитата на интегритетот на информацискиот простор, зајакнувањето на демократските институции, слободните и фер избори, независните медиуми, како и зголемувањето на општествената отпорност и граѓанското учество.
Во своето обраќање, Димитровски ја поздрави иницијативата за воспоставување на Европскиот штит за демократија и Европскиот центар за демократска отпорност, оценувајќи дека тие претставуваат важен чекор во зајакнувањето на демократските институции, заштитата на изборните процеси и справувањето со странското влијание и хибридните закани.
Тој истакна дека манипулациите и странските влијанија во информацискиот простор денес претставуваат една од најсериозните закани за демократската безбедност, со потенцијал да создадат поларизација, да ја нарушат довербата во институциите и да ги поткопаат демократските процеси, особено изборите.
Димитровски посочи дека Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ и членка на НАТО, е сѐ повеќе изложена на дезинформациски кампањи, сајбер закани и координирани операции за влијание, поради што државата презема конкретни мерки за јакнење на својата отпорност. Притоа, ги истакна сите мерки и напори што ги превзема Владата во овој сектор.
„Во изминатиот период се соочуваме со засилени и сериозни дезинформациски и хибридни активности кои доаѓаат од структури и медиумски платформи поврзани со нашиот источен сосед и имаат за цел да ја поткопаат довербата во институциите, да го поткопаат нашиот идентитет и да создадат поделби во општеството“, нагласи Димитровски. Во овој контекст посочи дека остануваме цврсто посветени на добрососедските односи, меѓусебното почитување и конструктивниот дијалог, во духот на европските вредности и нашата заедничка европска иднина.
Тој ја потврди подготвеноста на нашата земја, активно да придонесува во заедничките европски напори за спречување на странско мешање и хибридни закани, во согласност со демократските вредности, човековите права, слободата на изразување и владеењето на правото.






