вторник, 16 јуни 2026

Италијанската полиција разбила нелегална банка која служела како глобален посредник за нарко-трговци

Италијанската полиција разбила нелегална банкарска мрежа која ја користеле дилери на дрога и преку која, според проценките, поминале неколку стотици милиони евра во текот на најмалку три години, објавува Гардијан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тајната банка, чија логистичка база се наоѓала во Прато, северозападно од Фиренца, била под контрола на кинески државјанин од 2021 година, соопштија официјални лица.

Мрежата дејствувала како „глобален посредник во служба на организираниот криминал, нудејќи безбедни канали за плаќање на големи пратки дрога без физичко преместување готовина и гарантирајќи целосна анонимност на финансиските текови“, се наведува во соопштението на полицијата објавено вчера.

Мрежата овозможила „виртуелен трансфер на капитал помеѓу Италија, Шпанија, Франција, Германија, Белгија и Холандија преку систем на посредници кои задржувале провизија“, а според полицијата, годишно префрлала помеѓу 80 и 100 милиони евра најмалку три години.

Меѓу клиентите биле нарко-картели, вклучувајќи ги и албанските криминални организации активни во Италија, како и италијанската мафија.

Дискретните системи за трансфер на пари управувани од кинеската мафија, познати како Феи Чиен или „летечки пари“, честопати им служат на италијанските криминални организации за плаќања поврзани со трговија со дрога.

Овој систем што тешко се следи му овозможува на едно лице да му плати на посредник во Италија, кој потоа му го плаќа истиот износ на крајниот примач преку својот агент во друг дел од светот.

Полицијата соопшти дека 41 лице поврзано со мрежата се уапсени во Италија и Шпанија под обвинение за криминално заговарање, трговија со дрога, перење пари и помагање на нелегална имиграција.

Една гранка на организацијата управувала со „профитабилна мрежа за нелегална имиграција од Кина“, при што мигрантите пристигнувале во Белград со авион, по што биле транспортирани или принудувани да пешачат по планински терен до унгарската граница, потоа понатаму низ Европската Унија и конечно до Италија, според полицијата.

Мигрантите плаќале до 9.500 евра за патување до Прато, Торино или покраината Верона.

Прато, центарот на текстилната индустрија во Италија, е дом на една од најголемите кинески заедници во Европа, а во последниве години стана место на конфликт меѓу сопернички кинески мафијашки групи кои се борат за контрола на пазарите за закачалка за облека и товарен транспорт.

Кинеската мафија, која е вклучена и во нелегално обложување, проституција и трговија со дрога, помага во обезбедувањето работна сила за текстилната индустрија во Прато, особено за секторот за брза мода.

Полициските истраги покажаа дека овие работници често се изложени на експлоатација, работејќи 13 часа на ден, седум дена во неделата, за околу три евра на час.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ