„Денес стоиме на ова свето место, пред вечниот спомен на дванаесетте ваташки младинци, со чувство на длабока почит, тага и благодарност. Поминаа 83 години од тој црн 16 јуни 1943 година, кога во овие води и на оваа земја беше извршен еден од најболните злосторства во македонската историја. Дванаесет млади животи беа прекинати во мигови кога требаше да сонуваат, да создаваат, да ја градат својата иднина и иднината на својата татковина“, рече градоначалникот на Кавадарци – Митко Јанчев.
Но, иако нивните животи беа сурово одземени, додаде Јанчев, нивната идеја не беше победена.
„Напротив.Таа продолжи да живее во секоја генерација што ја сака слободата, во секој човек што верува во правдата и во секој граѓанин што знае дека достоинството нема цена. Ваташките младинци не беа војсководци, ниту носители на голема моќ.Тие беа деца на овој народ. Момчиња со чисти срца и големи соништа. Но токму затоа нивната жртва е толку голема“, истакна градоначалникот.
Тие, рече тој, не загинаа за лична слава. Не бараа признанија. Не очекуваа споменици.Тие веруваа дека идните генерации заслужуваат живот во слобода и човечко достоинство.
„Денес, кога живееме во мир и слобода, наша обврска е да се запрашаме дали сме достојни наследници на нивниот завет. Дали доволно ја чуваме вистината? Дали доволно ја почитуваме жртвата? Дали доволно работиме за подобра иднина за младите што доаѓаат по нас? Како градоначалник на Општина Кавадарци, со гордост можам да кажам дека нашата општина останува чувар на оваа света меморија“, нагласи Јанчев.
Спомен-комплексот во Ваташа, подвлече тој, спомен-куќата, спомен-обележјата и сите активности што ги реализираме не се само форма на почит кон минатото.Тие се наша должност.
„Зашто народ што заборава, ризикува повторно да ги живее истите трагедии. А народ што памети, гради посилна и посигурна иднина. Затоа денес не сме тука само да жалиме. Тука сме да се поклониме. Да се заблагодариме. Да го обновиме заветот дека никогаш нема да дозволиме нивните имиња да избледат од нашата колективна меморија“, рече Јанчев.
Дванаесетте ваташки младинци, истакна тој, остануваат симбол на непокорот, на храброста и на љубовта кон Македонија. Тие остануваат дел од идентитетот на Ваташа, на Кавадарци и на македонскиот народ.
„Нека нивниот пример потсетува дека вистинските вредности не се мерат со години на живот, туку со големината на делото што ќе остане зад нас. Денес, со наведнати глави и исправени срца, им оддаваме највисока почит. Нека е вечен споменот на дванаесетте ваташки младинци. Нека е вечна нивната жртва. Нека е вечна нашата благодарност“, порача градоначалникот на Кавадарци.
Пред присутните се обрати и претседателот на Совет на Општина Кавадарци, Стојанчо Рамов.
Со едноминутно молчење, им беше оддадена почит на ваташките херои, кои беа стрелани од тогашниот бугарскиот фашистички окупатор, пред 83 години. Покрај историскиот час, беше изведена и културно – уметничка програма.
МИА






