На територија на Македонија, надминувањето на температурите може да достигне и до 3°C, а најголемото позитивно отстапување на температурата на воздухот од повеќегодишниот просек за оваа сезона се очекува да биде во јули.
За претстојното лето, се очекува вкупните сезонски врнежи генерално да бидат пониски од повеќегодишниот просек во повеќето делови од земјата, со умерена веројатност за исполнување на прогнозата.
„Земајќи ги предвид досегашните анализи, климатските промени дополнително го засилуваат влијанието на условите на Ел Нињо, со што се зголемува веројатноста за појава на екстремни временски настани како топлотни бранови, суши и пожари. Од друга страна, долготрајните периоди без врнежи создаваат услови за појава на екстремни поројни дождови и поплави, што ја нагласува комплексноста и непредвидливоста на климатските ризици“, посочува Управата за хидрометеоролошки работи.






