вторник, 16 јуни 2026

Врховниот суд работи и без судии и без пари, 28 вработени го тужат за неплатени права, констирал ДЗР

Врховниот суд, како највисок суд во државата во текот на 2024 година функционирал со 11 судии од предвидените 28, судот добил речиси трипати помалку пари од тоа што законски им припаѓа, а Врховниот суд се соочува и со 28 активни тужби од вработени, покажува конечниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работењето на највисокиот суд во државата во 2024 година. Во извештајот уште се посочува дека ДЗР, дал позитивно мислење за финансиското работење на судот за периодот додека траела ревизијата.

Објавено на

часот

Сподели

Иако ревизорите констатирале дека финансиското работење на Врховниот суд е усогласно со законите, сепак, во извештајот се нотираат системски проблеми кои, според ревизијата, можат да влијаат врз функционирањето и независноста на судската власт.

Според ревизијата, загрижувачка е состојбата со кадровската екипираност на судот. Со одлука на Судскиот совет во судот се предвидени 28 судиски места, вклучувајќи го и претседателот на судот. Сепак, на крајот од 2024 година биле пополнети само 11 места, што според ДЗР, судот функционирал со помалку од 40 проценти од потребниот судиски кадар. Во извештајот уште се наведува дека во мај 2025 година бројот на судии е зголемен на 14, но и натаму останува далеку под потребниот број судии.

И покрај овој проблем, ревизорите констатирале зголемување на бројот на решени предмети.

Во 2024 година во работа биле вкупно 5.270 предмети, од кои биле решени 4.618. На крајот од годината останале нерешени 652 предмети, што претставува дополнително намалување во споредба со претходните години. Во проценти, бројот на решени предмети достигнал 87,62 проценти.

„Со извршената анализа на бројот на решени предмети ревизијата утврди позитивен тренд на зголемување на бројот на решени предмети во последните години односно во континуитет се намалува бројот на нерешени предмети на крај на годината. Напоменуваме дека е неопходно пополнување на испразнетите судиски места, кои согласно одлуката на Судски совет се предвидени 28 места вклучувајќи го и претседателот на судот, а пополнети на крај на 2024 година се 11 судиски места“, се наведува во ревизорскиот извештај.

ДЗР извршил ревизија и на финансирањето Врховниот суд. Законот предвидува средствата за судството да достигнат 0,8 проценти од бруто-домашниот производ (БДП). Но, ревизијата утврдила дека за 2024 година биле одобрени само 0,3 проценти од БДП. Според ревизорите, одобрениот износ е за околу 63 проценти понизок од законски утврдениот лимит.

„Со анализа на податоците утврдивме  дека износот на одобрени средства за Судска власт за 2024 година изнесуваат 2.647.694 илјади денари што е 63 отсто помал од законски утврдениот лимит и претставува 0,3 отсто од БДП. Исто така, трендот на одобрени средства за судска власт за период 2021 – 2024 година укажува дека нема значајни разлики во износот на барани, одобрени и реализирани средства за судска власт, во одделните години. И покрај разликите во бараните и одобрените средства за Судска власт, не е изготвен писмен документ за постигната согласност, ниту Извештај за причините за

неусогласеноста на бараните и одобрените средства, кој согласно член 15 од Законот за судскиот буџет треба да се достави до Владата и до Судскиот буџетски совет, кој треба да даде мислење по истиот“, велат од ДЗР.

Ревизорите посочуваат и на уште еден проблем. Иако Законот за судскиот буџет предвидува дека со ребаланс на буџетот не смеат да се намалуваат средствата наменети за судската власт, во текот на 2024 година со ребаланс и прераспределба бил намален буџетот за судството за повеќе од 42 милиони денари. Според ДЗР, ваквата состојба создава ризик за стабилно и долгорочно финансирање на судската власт, како и ризик за обезбедување на нејзината уставна независност и самостојност.

Ревизијата уште открива и дека против Врховниот суд се водат 28 судски постапки, тужбите се поднесени од вработени кои бараат надоместоци и права од работен однос, а вкупната вредност на побарувањата изнесува 4,28 милиони денари.

„Бидејќи постапките сè уште не се завршени, конечниот исход не е познат, па поради тоа постои неизвесност за идните финансиски импликации врз буџетот на Врховниот суд“, пишува во извештајот на ДЗР.

Посебно внимание ревизорите посветуваат на фактот дека Врховниот суд од септември 2023 година нема судски администратор. Иако во годишните планови за вработување било предвидено ново вработување, за тоа не била добиена согласност од надлежните институции.

„Имајќи во предвид дека согласно член 61 од Судскиот деловник и Правилникот за внатрешна организација и систематизација на работните места во судот надлежноста на судскиот администратор е да раководи

со судската служба и да ја организира работата на судската служба не

пополнувањето на наведеното работно место влијае на организирањето и

функционирањето на судот и во вршењето на своите надлежности“, велат ревизорите.

Ништо подобро не е екипирана и судска полиција, а проблем се јавува и со стотици прекувремени часови работа на веќе вработените полицијаци. Ревизорскиот извештај покажува дека според систематизацијата, предвидени се осум работни места, но пополнети биле само пет. Поради тоа, вработените во судската полиција работеле значителен број прекувремени часови.

„Командирот на судската полиција информира дека обезбедувањето во судот се врши непрекинато 24 часа, согласно Планот за обезбедување на судот и дека бројната состојба на кадровската екипираност на припадниците на судската полиција во судот е непроменета од 2018 година и истиот е во доволен број

и со соодветна подготвеност за да одговори на сите предизвици во извршување на тековните работни задачи“, констатирале ревизорите.

Во извештајот се посочуваат и проблеми во системот за оценување на вработените.

Иако Министерството за правда уште во 2020 година донело обрасци за оценување на судските службеници, тие не ги опфаќаат припадниците на судската полиција. Истовремено, ревизорите утврдиле дека не е регулирано ниту оценувањето на судскиот администратор, иако тоа е предвидено со Законот за судска служба.

Во извештајот, ревизијата укажува и на системски проблем кој не се однесува само на Врховниот суд, туку и на поширокото судство, а станува збор за отсуство на јасни законски одредби за утврдување на платите на вработените кои вршат технички и помошни работи во судовите.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ