„Регионот на Западен Балкан се соочува со предизвици поврзани со снабдувањето со енергија, ценовни шокови и зависност од производство на електрична енергија од традиционалните извори на енергија. Во исто време, земјите кандидати од ЕУ од Западен Балкан се соочуваат со зголемени очекувања и барања поврзани со енергетската транзиција и усогласување со европските политики. Тоа подразбира значителни инвестиции во енергетската инфраструктура, обновливи извори на енергија, складирање енергија и модернизација на дистрибутивните мрежи“, беше посочено на денешниот отворен ден на Групацијата ИФЦ.
За оваа транзиција потребни се големи инвестиции за производство, складирање, пренос на дистрибуција на електричната енергија, вели Вадим Шербаков, офицер за инфраструктурни инвестиции во ИФЦ, но добрата страна, според него, е што интересот за инвестирање во енергетската транзиција постојано расте.
„Сè почесто гледаме инвеститори што разгледуваат разни иновативни решенија, нови деловни модели и разновидни форми на соработка. Меѓународните финансиски институции и комерцијалните банки сè повеќе ги препознаваат можностите што ги носи енергетската транзиција и обезбедуваат разни инструменти за финансирање на проектите и владите сè повеќе се отворени кон либерализации на пазрите. Сепак, сè уште приватните инвеститори се соочуваат со предизвици, како што се големите финансиски средства и долгите процедури за издавање на дозволите“, вели Шербаков.
Според министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, во услови на глобални предизвици, инвестициите, иновациите и силниот приватен сектор остануваат главни двигатели на економскиот раст, продуктивноста и отворањето нови работни места.
„Нашата определба е да поддржиме инвестиции што создаваат поголема додадена вредност, отвораат нови работни места и ја зголемуваат конкурентноста на меѓународните пазари, вклучително преку интеграција во глобалните синџири на вредност“, рече Димитриеска-Кочоска на првиот отворен ден на ИФЦ порачувајќи дека Владата останува посветена на создавање стабилна, предвидлива и стимулативна деловна средина за инвестиции, претприемаштво и одржлив развој.
Димитриеска-Кочоска ја поздрави поддршката на ИФЦ за реализација на крупни инвестициски проекти, вклучително и развојот на ветерниот парк кај Штип, како и инвестициите во индустриската модернизација и декарбонизација, оценувајќи дека тие придонесуваат за отворање нови работни места, трансфер на технологии и зајакнување на конкурентноста на домашната економија.
Димитриеска-Кочоска посочи и дека македонската економија бележи раст седум квартали по ред, а последните податоци покажуваат раст на БДП од 3,1 проценти во првото тримесечје од 2026 година, што, како што рече, е потврда дека политиките насочени кон стабилност, инвестиции и поддршка на приватниот сектор даваат конкретни резултати.
Освен финансии, ИФЦ нуди и експертска поддршка. Од таму велат дека гледаат големи можности за соработка со државата, особено во делот на енергетиката и енергетската транзиција.
МИА






