„Станува збор за браунфилд-инвестиција, која ќе почне со закуп на постоен објкект од 8.000 квадратни метри, а капацитетите ќе се прошируваат до 21.000 квадратни метри до 2028 година. До 2030 година компанијата планира да иневстира речиси 21 милион евра. Целокупното производство на контролни кабли од Труција и Словачка ќе се реализира во Тетово, што е потврда за довербата на инвеститорот во македонската економија, нашата работна сила и деловната клима“, истакна Мицкоски.
Годишниот планиран извоз на компанијата е 45 милиони евра.
Мицкоски уште рече дека по бизнис-форумот во Истанбул, што се одржа минатата недела, очекува неколку десетици потенцијални турски инвестиции да се операционализираат во Македонија.
Како што истакна Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања, претседателот Ердоган му кажал дека лично ќе се заложи што поголем турски инвеститори да дојдат во Македонија.
„Како резултат на бизнис-форумот, во периодот што следува очекувам неколку десетици потенцијални инвестиции што ќе се операционализираат. Претседателот Ердоган ми кажа дека лично ќе се заложи што поголем турски инвеститори да дојдат во Македонија, а наша задача е тоа да го препознаеме и да отвориме нови работни места и оние што се надвор од државата да се обидеме преку добро платените нови креирани работни места да ги вратиме дома“, истакна Мицкоски.
Тој е дециден дека новата инвестиција што денеска ја најави на компанијата „Џаво отомотив“ во ТИРЗ Тетово ќе се реализира со сигурност, за што, рече, веќе е потпишан договорот за поддршка со Владата.
Според министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, инвестицијата е потврда дека Македонија станува сè попривлечна за компании што носат современи технологии, нови производствени капацитети и квалитетбни работни места. Одлуката на компанијата дел од производството да пренесе во нашата земја, напомена Дурмиши, е силен сигнал за довербата во македонската економија.
„Покрај отворањето нови работни места, овој инвестициски проект ќе значи зголемен извоз, трансфер на нови технологи и дополнителна додадена вредност на македонсакта економија. По иницијалните преговори, кои траеа повеќе од една година, денес се испраќа јасна порака – дека Македонија и натаму е атрактивна дестинација за странските инвеститори“, истакна Дурмиши.
Мултинационалната корпорација „Џаво отомотив“ работи во индустријата за автомобилска опрема, дизајнира и произведува безбедносни производи, како и разни механизми и оперативни кабли за многу водечки производители на автомобили.
Освен во Турција, компанијата е присутна и во Канада, Германија и Словачка.






