вторник, 16 јуни 2026

Јаневска: Матурата оваа година помина организирано и без многу препишување

Државната матура оваа година е спроведена во најдобар ред, со значително намален број на случаи на препишување, -изјави денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Објавено на

часот

Сподели

Одговарајќи на новинарско прашање, Јаневска оцени дека организацијата на полагањето била на високо ниво, при што повеќето од учениците испитите ги полагале совесно и без злоупотреби.

„Можеме да се пофалиме дека оваа година државната матура помина во најдобар ред и мир, организирана така како што треба, во најголем дел во големи простори, каде што учениците немаа можност да прибегнат кон нелегални дејства“, рече Јаневска.

Таа посочи дека бројот на ученици што биле отстранети од испитите поради препишување е значително намален во споредба со претходните години.

„Од двата испитни термина отстранети се шеесетина ученици, што покажува дека има одличен напредок во спроведувањето на матурата“, нагласи министерката.

Според неа, станува збор за ученици што биле фатени при препишување и веднаш биле исклучени од полагањето.

Јаневска информира дека овие ученици ќе имаат можност повторно да полагаат во следниот испитен рок во август.

Министерката истакна и дека годинава е воведен нов пристап во полагањето, со два типа на матура во зависност од наставните планови и програми, со што, како што рече, е исправена досегашната нерамноправност меѓу учениците.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ