Овие промени директно влијаат врз водните ресурси, земјоделството и стабилноста на локалните заедници, при што последиците сè почесто се одразуваат и преку економски загуби и зголемена социјална ранливост.
Во рамки на активностите на проектот Green B-LEAF, развиена е Алатка за проценка на
ризиците и ранливоста на локалните заедници од климатските промени, која овозможува подетална анализа на климатските ризици, вклучително и сушата, и поддршка на општините во креирање на соодветни мерки за адаптација. Анализите од нејзината примена покажуваат дека, и покрај зголемената изложеност на ризици, подготвеноста на општините во медитеранските региони останува ограничена, што укажува на потреба од посистематски и долгорочни пристапи во управувањето со климатските ризици.
Според спроведените национални анализи и проценки, во Македонија значителен дел од Североисточниот, Скопскиот, Вардарскиот, Пелагонискиот и Југоисточниот регион се оценети како ранливи на суша, со особено чувствителни подрачја како Скопската и
Штипската котлина и Овчеполието. Овие резултати ја нагласуваат потребата од локално прилагодени политики, подобро планирање и инвестирање во зголемување на отпорноста на локалните заедници.
Паралелно со развојот на алатки за проценка, се работи и на подигање на јавната свест и јакнење на капацитетите на општините за поефикасно справување со сушата и останатите климатски ризици, со цел подобра подготвеност и навремено делување на локално ниво.
Сушата останува еден од најсериозните предизвици на современите климатски промени, кој бара координиран, навремен и интегриран одговор на сите нивоа на управување. Во таа насока, неопходно е зајакнување на институционалните и локалните капацитети за проценка на ризиците и стратешко планирање, како и обезбедување соодветни финансиски средства за спроведување на мерки за адаптација кон климатските промени.

Прикажаната карта ја илустрира просторната распределба на ризикот од суша во
Македонија. Дополнително, анализите се поткрепени со стручниот материјал „Управување со почвите – недостатоци и препораки“ од проф. д-р Душко Мукаетов (УКИМ).
Ги повикуваме граѓаните да управуваат одговорно и рационално со водните ресурси,
особено со водата за пиење, со цел да се намали непотребната потрошувачка во периоди на зголемен ризик од суша. Исто така се препорачува да се избегнува наводнување со вода за пиење и нерационално користење на истата во домаќинствата и земјоделството, се вели во информацијата на Центарот за климатски промени.






