Според податоците на Народната банка, во 2025 година во земјата имало 1.829 места на продажба за е-трговија, од кои 1.396 биле активни, односно реализирале најмалку една трансакција во текот на годината.
Регистарот на е-трговци е единствена сеопфатна база на онлајн-продавачи во земјата што нудат плаќање со картичка и се ажурира во соработка со петте банки што процесираат е-трансакции – Комерцијална банка, НЛБ банка, Стопанска банка, Халк банка и УНИ банка.
Според податоците од регистарот, во моментов има 1.374 активни е-продавници, распределени во 25 категории. Најголем дел од понудата ја сочинуваат е-продавници за козметика, производи за убавина и нега (115), облека, обувки и модни додатоци (100), храна и пијалаци (87), бела техника и електроника (86), туризам (81), веб-услуги, стриминг и преземања (73), едукација (71), како и производи за дом, мебел и градина (61).
Податоците покажуваат дека домашната е-трговија повеќе не е ограничена само на традиционалните категории, како мода, козметика и електроника. Значително присуство имаат и услугите, туризмот, образованието и дигиталните услуги, што упатува на постепено зреење на пазарот и проширување на навиките за онлајн-купување кај потрошувачите.
Според анализата на АЕТМ, во 2025 година вкупната вредност на онлајн-трансакциите достигнала 950 милиони евра, што претставува раст од 32 проценти во однос на претходната година. Од оваа сума, 522 милиони евра се реализирани кај македонските е-трговци, а бројот на активни места на продажба за е-трговија е зголемен за 84 во споредба со 2024 година.
Претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска Станков, истакнува дека е-трговијата продолжува да се развива со солидно темпо, како во однос на вредноста на трансакциите така и во однос на понудата, при што услугите, едукацијата, туризмот и дигиталните производи бележат сè поголема застапеност.
Од АЕТМ посочуваат дека Регистарот на е-трговци претставува корисна алатка за зголемување на довербата на граѓаните при онлајн-купување и за намалување на сивата економија, бидејќи им овозможува на потрошувачите лесно да проверат дали продавачот е регистриран правен субјект и дали користи интегрирано онлајн-плаќање преку банка.
За потребите на ажурирањето на регистарот, АЕТМ користела и алатки базирани на вештачка интелигенција за автоматизирана проверка на активноста, достапноста и категоризацијата на е-продавниците.






