четврток, 18 јуни 2026

Украински дронови повторно стигнаа до Москва, погодени клучни цели (ВИДЕО)

Руската престолнина утрово се разбуди под нов масовен удар од украински беспилотни летала. Експлозии одекнуваа низ градот, а небото над Москва го прекри густ црн чад, јави Киев Индипендент.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Според тврдењата на московскиот градоначалник Сергеј Собјанин и бројни Телеграм-канали кои ја следат состојбата на терен, градот бил цел на голем број дронови. Нападната била московската нафтена рафинерија, и тоа по вторпат во последните три дена, што предизвикало огромен пожар во самиот индустриски комплекс.

Собјанин се огласил во раните утрински часови и изјавил дека руската противвоздушна одбрана пресретнала и уништила 33 беспилотни летала кои летале кон Москва. Тој навел и дека е регистрирана само „помала штета“ на објект во рамки на трговскиот центар Садовод, во југоисточниот дел на градот.

Според зборовите на московскиот градоначалник, во нападите нема загинати ниту повредени, а итните служби биле испратени на сите места каде што паднале остатоци од леталата.

Поради опасност од нови напади, воведени биле привремени ограничувања на летовите на московските аеродроми Внуково, Шереметјево и Жуковски, каде што летовите биле привремено прекинати или пренасочени.

Фотографиите и снимките што московјаните масовно ги споделувале на социјалните мрежи прикажуваат пожари и експлозии на повеќе локации низ градот. Телеграм-каналот Ексиленова-плус објави видеа на кои се гледаат како горат повисоките катови на станбен облакодер, како и голем пожар во близина на самата нафтена рафинерија.

Киев индипендент наведува дека во моментот на објавување на текстот не можел независно да ја потврди автентичноста на снимките.

Овој жесток удар следува само два дена откако Украина со беспилотни летала со долг дострел веќе ја погоди московската рафинерија. Украинскиот претседател Володимир Зеленски тогаш нападот го нарече „праведен одговор на руските напади“.

Во исто време, посебен напад со дронови бил регистриран и во Ростовската област, поточно во градот Гуково. Тамошните жители пријавиле голем пожар по ударот на украинските дронови, што го потврдуваат и снимките од теренот. Каналот Ексиленова-плус јави дека било погодено локално складиште за нафта.

Гувернерот на Ростовската област Јуриј Сљусар потврдил дека во нападот загинало едно лице, додека две лица биле повредени и итно пренесени во болница.

Сљусар во својот извештај навел дека била оштетена една локомотива и дека избувнале пожари на „два комерцијални објекти“. Притоа воопшто не го спомнал складиштето за нафта ниту прецизирал за кои објекти станува збор, што е честа практика на руските функционери кои се обидуваат да го минимизираат успехот на украинските напади.

Градот Гуково се наоѓа непосредно до украинската граница, на само неколку километри од окупираната украинска област Луганск.

Сместена покрај Азовското Море и долж границата со Украина, Ростовската област има клучна логистичка улога за руските воени операции поради непосредната близина до првата борбена линија. Поради тоа, тамошните складишта за нафта, рафинерии и друга инфраструктура редовно се мета на украински напади.

Претходниот украински удар врз московската рафинерија, извршен завчера, целосно ја парализирал работата на постројката, откриле руски индустриски извори за Ројтерс. Истите извори потсетуваат дека производството во рафинеријата било запрено и по успешниот украински напад на 17 мај.

Киев во изминатите месеци значително ја засили кампањата на удари со долг дострел врз воени, индустриски и енергетски цели длабоко на руска територија, при што украинските беспилотни летала редовно стигнуваат до Москва и други региони оддалечени стотици километри од границата.

Како одговор на сè поголемите логистички проблеми, Русија неодамна ја засили противвоздушната одбрана на главниот град. На покривите на цивилни објекти во Москва беа поставени најновите противвоздушни системи Панцир-СМД-Е, но овие вонредни мерки очигледно не успеаја да ги спречат украинските дронови во рок од една недела двапати успешно да ја погодат руската престолнина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ