среда, 17 јуни 2026

Јовева во Европарламентот: Македонија не треба да ја плаќа цената за нечии политички фрустрации

Ирена Јовева, европратеничка од Словенија, денеска во Европарламентот за време на расправата за Извештајот за Македонија за напредокот за членство во Европската Унија, не го поддржа вклучувањето на прашањата за идентитетот, јазикот и историските толкувања во извештајот, кој треба да „остане фокусиран на реформите, владеењето на правото и европскиот напредок на земјата“.

Објавено на

часот

Сподели

Овој извештај мора да биде извештај за реформите и европската иднина на македонската држава, рече Јовева.

„Оваа земја не е одговорна за опсесијата на некои со нејзиниот јазик или идентитет. Македонците не треба да ја плаќаат цената за политичките фрустрации на другите. Искрено се прашувам: ако овие ‘други’ секој пат продолжуваат да зборуваат повеќе за Македонците отколку за содржината на европскиот напредок на земјава – кој навистина има проблем тука? Очигледно не Македонците. Туку оние што не можат ниту да напишат амандман без Македонци, а потоа ја вложуваат целата своја енергија во некакви објаснувања за тоа кој е кој“, рече Јовева пред европратениците.

За неа ваквото однесување претставува необично хоби. „Интерпретација на минатото! Што сме ние, историска академија или Европски парламент? Европската Унија е создадена за да можат народите заедно да ја градат иднината, а не за да издава сертификати за постоење на народи. И секако не е создадена на старите национализми да им дава нова, да не кажам модерна европска сцена.

Македонците немаат што да докажуваат. Меѓутоа, по сите овие години, некои други очигледно сè уште имаат. Денес, Македонците не се на испит. Европа е. Благодарам“, рече Јовева.

Таа смета дека задачата на Европскиот парламент во овие извештаи е исклучиво да ги процени реформите и напредокот на земјите-кандидатки за влез во ЕУ и затоа таа ги отфрли поедноставените толкувања на денешното гласање.

„Нема да се согласам ни со наративот дека Бугарија победи денес, ни со наративот дека Европскиот парламент ја издал македонската држава. Би било грешка денешното гласање ако стане уште една алатка за создавање политички митови, победници и губитници. Ова не е натпревар меѓу земјите, а најмалку референдум за постоењето на Македонците. Не е. И оние што денес зборуваат за големи победи или големи порази всушност помагаат да се одржи спорот од кој политички живеат. Вистинското прашање не е кој победи денес. Вистинското прашање е дали ќе имаме храброст да го браниме принципот дека земјите-кандидатки се оценуваат според реформите, објективно, и дали Европа ќе остане верна на сопствените вредности. Јас им останувам верна. Затоа, уште еднаш: Македонците денес не беа на тест. Европа е“, го заврши своето излагање Јовева.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ