петок, 19 јуни 2026

Спејсекс на Маск за неколку дена по излегувањето на берза го престигна Амазон на Безос

Компанијата Спејсекс на Илон Маск го престигна Амазон и стана петтата највредна компанија во светот по силниот пораст на цената на нејзините акции. Само неколку дена откако беше котирана на технолошки ориентираната берза Насдак во Њујорк, на најголемата јавна котација досега, вредноста на нејзините акции порасна за повеќе од 50 проценти.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ова ја проценува вселенската компанија на Маск на околу 2,78 трилиони долари, додека огромниот интернет и медиумски конгломерат на Џеф Безос, Амазон, моментално е проценет на околу 2,66 трилиони долари.

Зголемувањето на вредноста на Спјсекс доаѓа откако компанијата објави дека го купува стартапот за вештачка интелигенција Курсор за 60 милијарди долари. Спејсекс објави дека ја купува Енисфиер, матичната компанија на Курсор, која развива алатка за програмирање базирана на вештачка интелигенција.

Компанијата неодамна привлече силен интерес на инвеститорите благодарение на својата визија за испраќање вештачка интелигенција и центри за податоци во вселената и нејзиниот долгорочен план за колонизација на Марс.

Неодамнешната јавна понуда (ИПО) собра 85,7 милијарди долари и го направи Маск првиот човек во светот чие богатство надмина 1 трилион долари. Од почетната цена од 135 долари по акција во петокот, акциите се искачија на 209 долари.

Сепак, аналитичарите предупредуваат за одржливоста на толку високата проценка со оглед на големата неизвесност за идните приходи. Додека Амазон е широко позната марка присутна речиси секојдневно во животот на потрошувачите, Спејсекс е сè уште помалку интегриран во секојдневната потрошувачка и пазарот.

И покрај тоа што пазарната вредност на Спејсекс ја престигна таа на Амазон, разликата во приходите и профитот е сè уште огромна. Во првиот квартал од 2026 година, Амазон оствари профит од 30,3 милијарди долари, додека Спејсекс забележа загуба од 4,3 милијарди долари во истиот период.

Во 2025 година, Амазон генерираше приходи од 716,9 милијарди долари, додека Спејсекс имаше приходи од 18,67 милијарди долари. Сепак, инвеститорите очигледно се обложуваат на идниот потенцијал на Спејсекс. Иако главниот фокус на компанијата е производството и лансирањето на ракети за повеќекратна употреба, таа е сè повеќе присутна во сегментот на сателитски интернет Старлинк и во трката за развој на вештачката интелигенција.

Некои аналитичари, исто така, предупредуваат дека само околу 4 проценти од акциите на Спејсекс моментално се слободни за тргување на пазарот. Малцинските акционери би можеле „да платат премија за акции што подоцна би можеле да се разредат“ доколку институционалните инвеститори одлучат да ги продадат своите удели, предупреди Ден Шиан од Телос велт адвајзорс.

Спејсекс и Курсор работат заедно од април. Компанијата на Маск го доби правото да го купи стартапот за 60 милијарди долари или, алтернативно, да плати 10 милијарди долари за заедничката соработка досега. Како и ОпенАИ и Антропик, технологијата на Курсор користи вештачка интелигенција за автоматизирање на пишувањето код, една од најважните апликации на вештачката интелигенција денес.

Соработката доаѓа во време кога Спејсекссе обидува да ја стигне конкуренцијата со зајакнување на својата дивизија за вештачка интелигенција иксАИ, која стои зад четботот Грок.

При објавувањето на партнерството во април, Спејсекс соопшти: „Комбинацијата на водечкиот производ Курсор и неговата дистрибуција меѓу искусните софтверски инженери со суперкомпјутерот Колосус на Спејсекс ќе ни овозможи да ги развиеме најкорисните модели во светот“.

Курсор го користат големи компании како Страјп, Адоб и Енвидија, а неговиот извршен директор Јенсен Хуанг го опиша како негова „омилена услуга за вештачка интелигенција за претпријатија“. Спејсекс објави дека договорот треба да се затвори до крајот на септември, а на акционерите на Курсор ќе им бидат исплатени 60 милијарди долари во акции на Спејсекс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ